Трејнспотинг

Композиторот кој бил опседнат со возови

Антонин Дворжак, славниот чешки композитор, бил најпознат по комбинирањето на народна музика од неговата родна земја со романтизмот. Но освен музиката имал и необично хоби - трејнспотинг.

Роден на 8 септември 1841, Дворжак растел паралелно со развојот на железницата во Европа, која го изменила нејзиниот лик засекогаш. Како дете од село помеѓу Прага и Дрезден, тој бил сведок на пуштањето на употреба на железницата која ги спојувала овие градови, што го променило и неговиот живот. Работници од цела Австро-Унгарија го полнеле селото во текот на градењето на пругата, а тој можел да ги набљудува од неговата куќа, која се наоѓала точно спроти железничката станица. Работниците, главно Италијанци, се собирале и околу месарата на таткото на Антонин, Франтишек, и пееле италијански песни. Семејството поседувало и кафана со сала за танцување, а таткото и самиот свирел народна музика на цитра.

Возовите го поттикнале интересот на Дворжак за технологијата и прогресот. Се дружел со железничарите, и наводно бегал од досадните концерти во Прага за да ги гледа меѓународните експресни возови како доаѓаат и заминуваат. Ги знаел на памет комплицираните возни редови (сме имале прилика да дешифрираме една таква мапа на железничката во Прага, и да, комплицирани се). Кога бил во Америка, продолжил да седи по железнички, иако Гранд Централ го разочарала затоа што не нудела можност да ги гледаш возовите како минуваат еден крај друг. Неговата љубов за возови била толку голема што еднаш изјавил: „Би ги дал сите мои симфонии за можноста јас да сум ја измислил локомотивата“.

Сепак, во неговата музика нема многу звуци што потсетуваат на железница. Но можеби тие имаат врска со неговата симфонија „Нов свет“, чие ларго е една од најпознатите теми во историјата на музиката. Адаптирано е илјадници пати, како џез мелодија, како тема од „Злосторства од страст“ на Кен Расел, како музика за најсаканата британска реклама од 1973 за леб. Новиот свет кој таа толку свечено и оптимистично го најавува за Дворжак се состоел од брзи возови кои го поврзуваат светот.

„Сè во врска со нив има некаква цел и улога, а резултатот е воодушевувачки“, велел тој за возовите. Како да зборувал за своите симфонии.

9 септември 2016 - 09:08