Нов документарец на Мајкл Палин

Која била Артемизија Џентилески?

Една од ретките жени-сликари на италијанскиот барок, Артемизија денес се смета за еден од најдобрите наследници на стилот на Караваџо. Но нејзините дела, полни со насилство и крв, се всушност последица на нејзината трагична животна судбина, која е тема на документарец кој беше прикажан вчера, 28.12, на Би-би-си 4.

Артемизија (автопортрет горе) била најстарото дете на тосканскиот сликар Орацио Џентилески. Токму во неговата работилница научила да црта, да меша бои и да слика. Првото дело на библиска тема го создала на 17 години. Но тогашниот сликарски естаблишмент никако не можел да прифати дека една девојка слика толку добро, па ѝ извадиле муабет дека зад нејзините дела всушност стои нејзиниот татко.

Тој пак не се обзрнувал на овие муабети, и одлучил неговата ќерка да добие соодветно сликарско образование. За таа цел го најмил сликарот Агостино Таси со кого заедно работеле на декорирање палата во Рим. Но Таси наместо да ја подучува, ја силувал Артемизија, потоа ветувајќи ѝ дека ќе ја земе за жена. Кога се видело дека од ветувањето нема ништо, Орацио поднел тужба за силување на ќерка му, а судењето траело цели седум месеци. И покрај богатото криминално минато на Таси (планирал да ја убие жена си заради врска со нејзината сестра, а украл и некои од сликите на Орацио додека престојувал во нивната куќа), Артемизија била таа која била подложена на тортура за да се провери веродостојноста на нејзиното тврдење. На крај Таси бил осуден на една година затвор, но никогаш не одлежал. И силувана, и мачена, Артемизија продолжила да слика - нејзините дела се полни со насилство, особено кон жени, но истовремено и со славење на нивната меѓусебна солидарност.

Мајкл Палин од Монти Пајтон сега сними документарец „Потрагата по Артемизија" во кој се реконструира нејзиниот живот, но и начинот на којшто таа била мачена. Бил употребуван средовековен инструментариум за мачење, нешто што се нарекува „Стегач на палци", кој се навртувал на палците на рацете (или нозете) на измачуваниот, и потоа се стегал до кршење.

Артемизија по ваквиот „третман" пред судот го кажала истото што и претходното, дека Таси ја силувал. Резултатот: тој поминал неказнето, но нејзината чест никогаш не можела да се компензира. Тезата на Палин е дека таа, кога веќе не можела да се одмазди во реалниот живот, тоа го правела преку мотивите на нејзините слики, како во оваа на која се отсекува главата на Холоферн. Поентата се доловува особено ако истиот мотив се спореди со верзијата на Караваџо, каде Јудита не е баш толку одлучна и сурова како во верзијата на Артемизија.

(Aртемизија)

(Караваџо)

Целиот документарец (58 минути), снимен во Фиренца, Рим и Неапол, кој ги следи стапките на приказната за оваа неверојатна жена

29 декември 2015 - 10:31