Кој го измислил првиот модерен противпожарен апарат?

Денес е тешко да замислиме дека некогаш не постоел едноставен начин човек сам да се справи со мал пожар. Еден британски капетан од почетокот на деветнаесеттиот век го создал првиот практичен пренослив апарат што по принципот на работа веќе наликувал на современите противпожарни апарати.

Пронајдоците на Џорџ Вилијам Менби биле водени од една прилично едноставна опсесија: како побрзо да се спаси човек во опасност.

Тој бил роден во Норфолк (Британија) во 1765 година. На 17-годишна возраст доброволно се пријавил да се бори во Американската војна за независност, но бил одбиен поради младоста и нискиот раст. Наместо тоа, се запишал на Кралската воена академија каде се стекнал со чин капетан, а подоцна станал управник на касарна во Јармут, крајбрежен град и пристаниште. Таму во 1807 година бил сведок на страшен бродолом на воен брод на кралската морнарица на кој имало француски затвореници. Тој се насукал на само шеесетина метри од брегот, но спасувањето било речиси невозможно. Во несреќата загинале 214 луѓе.

Гледајќи го бродот до кој спасувачите не можеле да стигнат, Менби дошол до идеја дека проблемот е во тоа што меѓу брегот и бродот недостасува брза и сигурна врска. Така почнал да експериментира со мал воен минофрлач со кој можел да испука јаже кон бродот. Неговиот систем подоцна станал познат како „Менбиев апарат“ и првпат успешно бил употребен во февруари 1808 година, кога бродот Елизабет се насукал кај Јармут. Со помош на испуканото јаже можело да се воспостави врска меѓу брегот и бродот и да се извлечат луѓе од опасност. Но не застанал тука.

До 1816 година Менби развил пренослив апарат за гаснење пожар, познат како „екстинктор“. Важно е тука да се направи мала историска разлика: првиот патентиран апарат за гаснење пожар воопшто бил направен уште во 1723 година од англискиот хемичар Амброуз Годфри. Но неговиот уред бил непренослив дрвен сад со течност и комора со барут која се активирала со фитили - иако звучи сулудо да ставиш средство за гасење кое содржи барут, ова всушност било интелигентно решение бидејќи апаратот го активирал самиот пожар кога ќе стигнел до него. 

Оттаму, Менбиевиот изум бил многу поблизок до она што денес го подразбираме под противпожарен апарат. Се состоел од бакарен сад во кој имало околу 13,6 литри раствор од калиум карбонат, познат и како „бисерна пепел“, под притисок на компримиран воздух. Кога ќе се отворел вентилот, притисокот ја истиснувал течноста низ цевка кон пламенот. Наместо да се носат кофи со вода, да се чека пожарникарска екипа или да се употребува барут за да се распрска средството за гаснење, сега еден човек можел да го земе садот, да го насочи кон пожарот и да го гасне пламенот од непосредна близина. 

Интересното кај Менби е што противпожарниот апарат не бил изолиран изум во неговиот живот. Неговата кариера изгледа како низа обиди да се решат ситуации во кои луѓето обично биле беспомошни. Денес неговото име најмногу се памети по апаратот за гаснење пожар, но во колекциите на Националниот поморски музеј во Гринич сè уште се чуваат предмети поврзани со неговиот систем за спасување од бродоломи.

Менби починал во Грејт Јармут во 1854 година. Зад себе оставил низа необични пронајдоци, но и една многу модерна идеја: технологијата има најголема смисла тогаш кога не само што решава проблем, туку му дава шанса на човекот да спаси друг човек.

21 август 2026 - 08:28