Кој е вистинскиот автор зад мемоарите на принцот Хари?

Малку е да се каже дека книжевна (?) тема број еден на почетокот на 2023 е автобиографијата на принцот Хари, особено (и разбирливо) во Британија, каде книжарници отвораа и на полноќ за да излезат во пресрет на љубопитните читатели. Нам не ни е толку интересна содржината на книгата, туку нејзиниот гоуст-рајтер.

Продавачите на книги тријат раце уште на почетокот на годината со оглед на огромниот интерес за мемоарот на принцот Хари, чиј оригинален наслов е Spare, во смисла на вишок или резерва. Излегувањето на автобиографијата беше проследено со бројни „протекувања“ на нејзината содржина, а таа е истовремено објавена на 16 јазици низ светот. Веќе е на врвот на листата најдобро продавани книги во Британија на Амазон, а меѓу другото ова се должи на сочните места во неа, кои се однесуваат на првото сексуално искуство на принцот или на тврдењето дека тој бил нападнат од својот брат, принцот Вилијам. На повеќе од 400-те страници има и исповед дека убил 25 Талибанци додека војувал во Авганистан, дека земал психоделични дроги за да се справи со паничните напади и дека неговата сопруга, Меган, имала тежок однос со својата јатрва Кетрин.

Сето ова сепак морало да помине низ тастатурата на некој поискусен во пишувањето, а тоа во случајов е Џ.Р. Морингер. Ако не сте слушнале за него не е ни чудо, затоа што тој не е помеѓу богатите и славните кои се појавуваат во „Спер“. Ова сепак не е негова прва соработка со таквите - ја има напишано автобиографијата на Андре Агаси и соработувал со ко-основачот на Најк, Фил Најт на неговите мемоари. За „Спер“ наводно добил 1 милион долари, плус му биле обезбедени идеални работни услови.

Неговиот метод на пишување е интересен - тој не само што стилски го разубавува она што му го кажуваат клиентите, туку се обидува да навлезе и подлабоко во нивната психа. На пример, за пишувањето на автобиографијата на Агаси тој многу ги читал Фројд и Јунг. 

„Фројд беше од голема полза, особено Неудобното во културата, поради идејата за смртниот инстинкт. Еден од столбовите на личноста на Андре беше неговата самоуништувачка природа“, изјавил тој. 

Сепак, некои критичари велат дека постои опасност духовите-автори да си ги рефлектираат сопствените трауми и психолошки состојби врз субјектите за коишто пишуваат. Морингеровата автобиографија од 2005, The Tender Bar, се однесува на детството поминато на Лонг Ајленд со самохрана мајка и блиската врска со вујкото Чарли кој му бил замена за татко. Неговиот татко, пак, рокенрол ди-џеј во раните денови на радиото - го напуштил семејството. Единствена врска на синот со него била кога успевал да го начека неговиот глас на транзисторот. Оваа приказна почна да се преточува во филм под истиот наслов во 2021, продуциран од Џорџ Клуни, со Бен Афлек во улогата на вујкото.

Пред да почне да пишува, Морингер студирал на Јеил, а потоа работел во Њујорк Тајмс како асистент на деск. Потоа се префрлил во Лос Анѓелес Тајмс, а во 2000-тата добил Пулицер за статија во врска со тензии кои се појавиле кога по 180 години прв пат се воспоставила врска со фери помеѓу „бел“ и „црн“ дела на Алабама.

Да се биде добар гоустрајтер не значи само да се пишува добро, туку вистински да се навлезе во личноста и животот на субјектот, за тоа да не звучи само како имитација. Но истовремено, да се биде во кремот на оваа професија често подразбира да не се привлекува внимание на себе. Кога излегол мемоарот на Агаси, Морингер изјавил: „Бабицата не си оди дома со бебето“.

извор

11 јануари 2023 - 11:35