1925-тата била златен момент во книжевната историја. Во неа се појавила првата книга на Хемингвеј, „Во нашето време“, романот „Госпоѓа Даловеј“ на Вирџинија Вулф, „Процес“ на Кафка и „Големиот Гетсби“ на Ф. Скот Фицџералд. Тие, и уште голем број одлични книги таа година извршиле големо влијание врз начинот на кој се пишувало во остатокот на 20 век.
Овие книги сега влегуваат во јавниот домен во САД, а Универзитетот Дјук традиционално го објави целосниот список, кој содржи и многу музика, филмови и театарски текстови. Куриозитет е тоа што помеѓу различните наслови на филмови од тоа време, има и еден нем, под наслов „Љубовници во карантин“. Базиран на истоимена бродвејска претстава од 1924, тоа е комедија која прикажува што се случува при еднонеделна изолација на еден млад пар. Во него глуми извесен Харисон Форд, кој додуша нема никаква врска со денешниот Харисон.
Влегувањето на овие дела во јавен домен подразбира дека нема да бидат потребни посебни дозволи за нивно користење во филмски и театарски адаптации, прикажување на делата или нивно качување во целост онлајн.