Збор-алтан

Кога Пирс Морган навредува

Републиканскиот кандидат за Сенатот од Мисури, Тод Акин, вчера требаше да гостува во шоуто на Морган, и да го појасни концептот за „легитимно силување", со кое деновиве крена бура реакции. Но столчето остана празно.

Во желбата да покријат колку што е можно повеќе чувствителни теми дури и кога немаат појма од нив, политичарите зачекоруваат на опасна територија, од која после не можат да извлечат жива глава. Тоа му се случи и на Акин кога во едно интервју за американскиот канал KTVI изјавил дека силуваните ретко остануваат бремени, бидејќи ако се работи за „легитимно силување" нивните тела наоѓаат начин како да се „затворат".

Демократите, феминистките и жртвите на силување со право и со сласт му се з'гнаа, а предничеше Ив Енслер, авторката на „Вагинални монолози", која и самата била силувана. Укажувајќи на тоа дека користењето на придавката „легитимно" подразбира дека можеби постои некое друго, нелегитимно силување, таа во отворено писмо ја нарече неговата изјава „форма на повторно силување", информирајќи го (или повеќе - проколнувајќи го) дека на овој начин тој им дал многу добра причина на милиони жени никогаш да не бида избран.

Сепак, најсилниот епитет, кој ни е и лингвистички интересен, го даде Пирс Морган откако столчето на неговиот соговорник вчера вечер остана празно, иако интервјуто било договорено. Тој уште еднаш го покани Акин да гостува, велејќи дека ако не го стори тоа ќе го прогласи, по британски, за "gutless little twerp" или по нашки „безмадест ситен подлец". Сите предлози за алтернативен превод на изразов се добредојдени.

22 август 2012 - 11:25