Новинар по име Чарлс де Џегер (не знаеме дали е во роднинска врска со Мик) се сеќавал на тоа дека кога бил мал, децата од неговиот клас мислеле дека шпагети растат на дрво. Во тоа време - првата половина на 20 век, во Британија шпагетите биле ем непознати, ем биле сметани за деликатес. Токму овој спомен му послужил како основа за измама која е една од најголемите „пренкови“ некогаш направени од реномирана медиумска куќа, а истовремено е влезен во историјата и како прв од ваков вид на телевизија.
Програмата се викала Панорама, а во тој момент ја гледале околу 8 милиони луѓе. Во неа, во црно-бела техника, е прикажано наводно смејство од Тичино, Швајцарија, како ги бере шпагетите од годишниот род на нивниот имот. Потоа жените ги ставаат шпагетите на сонце, да се сушат. Нараторот притоа објаснува дека секоја година крајот на март е многу возбудливо време за жетварите-шпагетари низ цела Европа, бидејќи неочекувана голомразица може да го наруши вкусот на шпагетите. Истовремено, се фали огромниот труд на селаните да ја одржуваат истоветната должина на секое шпагетче.
Голем дел од гледачите ова го сфатиле буквално и деновите кои следеле се обидувале да дознаат каде се продаваат вакви садници. Би-би-си можеби и се попишманила за измамата, бидејќи таа им отворила голема работа, да објаснуваат дека шпагетите не растат на дрво. Кога веќе им здодеало, продуцентите просто им велеле на гледачите да земат конзерва доматен сос како основа, да стават внатре пар шпагети и „да се надеваат на најдоброто“ .