Вчера, 1 февуари, се навршија 50 години од смртта на „човекот со камено лице" кој со својот стоички, крајно воздржан лик сепак успеваше да ја насмее публиката. Неговата нова биографија „Бастер Китон: премини на главното" од Марион Мид содржи и помалку познати анегдоти од неговиот бурен, главно алкохолизиран живот. Една од нив - неговата соработка со Семјуел Бекет и помалку познатите детали поврзани со неа.
Славниот писател се потегнал на неговото прво патување во САД токму за да се сретне со Китон. Тој и режисерот на тогаш идниот филм Алан Шнајдер пристигнале во хотелската соба на актерот во Њујорк и го начекале како пие пиво и игра покер против тројца невидливи играчи. Кога му го изложиле планот, овој најпрвин одговорил остро со „не", а со такви едносложни зборови одговарал и на повеќето од прашањата на Бекет. Овој подоцна се сеќавал:
„Не беше добро. Не ни понуди ни пијачка, не затоа што не беше пријателски настроен, туку затоа што тоа во ниеден момент не му падна на памет".
Но работите се смениле откако подоцна му бил понуден фин хонорар за само три недели снимање, во ситуација кога Китон бил веќе во години и на залез на славата. Не дека не зажалил за одлуката, и во смисла на сценарио кое очигледно не му се допаѓало, и во физичка смисла - морал да трча по њујоршките улици во тежок капут на температура од повеќе од 30 степени.
Филмот е за главниот лик О. („Објект") кого го прогонува окото на камерата, Е. (Eye). Иако тој се обидува да избега од неа, трчајќи по улици, качувајќи се по скали, па дури и затворен во сопствената соба, таа постојано го пронаоѓа. Речиси цел филм ликот на Китон, инаку негов заштитен знак, не се гледа, а кога камерата конечно ќе му ги покаже очите (или поточно окото, бидејќи едното му е покриено, како на пират), тој умира.
Бекет вака го опишал делото, кое на времето доживеало прилично лоши критики:
„Тоа е филм за оној што гледа и оној што е гледан - два аспекти на еден ист човек. Оној што гледа посакува како луд да го прави тоа, а оној што е гледан очајно се обидува да се скрие. На крај еден од нив победува".
Со ова Бекет како да го предвидува развојот на феноменот на гледањето во ерата на засилен надзор (најавена уште со Орвеловата „1984“ од 1949), кога со виртуелно криење мислиме дека можеме да го измамиме севидечкото око на технологијата.
Извадок од „Филм"
Трејлер за „Нефилм", долгометражен видео-есеј посветен за „Филм" на Рос Липман, со документарни материјали од снимањето