Првиот час по музичко во основно почнува со нотите: до-ре-ми-фа-сол-ла-си. Ова е именување според методот на солфеж (солмизација), кој се користи за подучување во западната музика, и ги означува нотите со наведените слогови.
Уште еден начин е нотите да се претстават со букви од латинската абецеда. Во англиското говорно подрачје означувањето оди C за до, а потоа D, Е, F, G, A, B (ако се почне од „ла“, тоа се првите седум букви од латиницата). За децата полесно да го запомнат овој распоред има и смешни мнемонички техники:
Но во нашето образование има една мала, ама значајна разлика, која кај почетниците кои се обидуваат да користат нотни записи од интернет (пример гитарски акорди) можат да создадат забуна. Затоа што во „нашиот“ систем под B сe подразбира снижено B, a „обично“ В се означува со - H (Ха).
Од каде оваа „нелогичност“ и како е увезена во нашиот нотациски систем?
Одговорот е - музичка шпионажа. Или поточно, кодирање кое го вршеле композитори со векови, како тајно оддавање чест на големиот Јохан Себастијан Бах.
Станува збор за низа ноти кои се карактеристични за некое дело, со следниов распоред: B снижено (црната типка до „си“ на клавир, снижено „си“), А, C, B. Со оглед на тоа што во германската музичка номенклатура B е H, на овој начин се добива името на BACH. Ова е еден од најчестите примери на музички криптограм, и се среќава од Шуман и Брамс до Шенберг. Документирани се над 400 вакви случаи, но најоткаченото е што самиот Бах го вметнувал во своите фуги и симфонии - сам себе се критпирал. „Кодот“ станал особено популарен по оживувањето на интересот за неговите дела во првата половина на 19 век.
Кај нас ова H e најверојатно увезено преку руската школа која исто така го користи, со оглед на тоа што голем број од нашите музички педагози беа школувани таму.
Ако сето ова не е баш јасно, секогаш има видевце кое ги дообјаснува работите. А aко пак повеќе ви лежи музичко кодирање со до-ре-ми, сетете се на она: МИЛА СИ МИ ДОРЕ.