Тоа се случило во седумдесетите, кога веројатно во потрага по нови авантури Ли се сели во Скандинавија и почнува соработка со негов пријател, режисерот Торбјорн Акселман. Тие прават едночасовен телевизиски филм, под наслов „Каубоец во Шведска" - еден од дури седумте (?) кои ги направиле заедно. Всушност жанровски овој производ е тешко да се дефинира, бидејќи де изгледа како нешто излезено од нечиј сон, де како психоделичен спот на граница на пародија. Песните во него се од истоимениот албум на Хејзелвуд, а придружните женски вокали истовремено играат споредни улоги во овие негови видео фантазии.
Генерално насловот на филмот е спојлер сам по себе, затоа што главниот лик во филмот токму тоа и го прави - јава на коњ со цигарче во аголот на устата, осамен на зајдисонцето (колку што може да има сонце во Шведска). Но има тука и многу повеќе, како кога тој им пее тажна балада чија главна тема е животот во затвор на група поларни мечки, што спокојно пливаат во некој скандинавски фјорд.
Погледнете и сами. Ние го замисливме како јава низ центарот на Скопје, додека во позадина оди кантри верзија (со бенџо) на „Зајди, зајди“: