72-рото издание на Канскиот филмски фестивал започна на 14 мај, а ќе трае до 25-ти. Еден од настаните кој привлече најмногу внимание беше признанието за животно дело кое му беше доделено на Ален Делон, а кое беше критикувано уште од моментот на соопштувањето на одлуката, пред еден месец. „Со ова фестивалот промовира мизерни вредности“, или „нема признанија за насилници“, беа некои од реакциите на феминистички групи и поединци, поттикнати од минати изјави на актерот кој се опишува себеси како „мачо“ и признава дека тепал жени со кои бил во врска. Тој е исто така против посвојување деца од страна на истополови партнери, а често го истакнува пријателството со Жан-Мари ле Пен, основачот на десничарскиот Национален фронт, со кого служел војска во текот на индокинеските војни.
Петицијата која требаше да го спречи фестивалот да му го даде почесното признание собра 25.000 потписи, под текст кој меѓу другото бараше да нема место на вакви значајни настани за „расисти, шовинисти и хомофоби“. На самото доделување белгиско-холандската актерка која го тужеше режисерот Лик Бесон за силување минатата година позираше со тетоважа на грбот „Стоп за насилството против жените“ и изјави дека протестира бидејќи „индустријата ја користи уметноста како оправдување да се стави себеси над законот“ (случајот со Бесон е отфрлен заради недостаток на докази).
Од друга страна фестивалот вели дека Делон е награден затоа што е легендарен актер и дел од Канската историја, како што се и Клинт Иствуд или Вуди Ален. Освен тоа, на организаторите им е важно да се промовира француската кинематографија и нејзините икони, како што тоа беше сторено со Жан-Пол Белмондо.
„Некогаш сум удрил жена? Да. Но треба да додадам дека сум добил повеќе удари отколку што јас сум удирал. Никогаш во животот не сум малтретирал жена“, бил коментарот на Делон, кој вчера примајќи го признанието од рацете на неговата ќерка, Анушка, бил „целиот во солзи“. Претходно бил прикажан неговиот филм „Господин Клајн“ од шеесетите, за дилер на уметнички дела кој по грешка е прогласен за Евреин и ставен во концентрационен логор.