Денес, 12.04, Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет доби значајна донација. Можеби не во обем, бидејќи се работи за неколку пополнети полици, но суштински од голема важност. Станува збор за книги, ракописи, фотографии и аудио материјали, кои се подеднакво значајни и за етнологија и за македонистиката. Дел од нив се интервјуа правени пред неколку децении во различни делови од Македонија, а на касетите и магнетофонските ленти можат да се слушнат гласови на луѓе родени на крајот на 19 век, кои се веројатно единствен документ од ваков вид. Тие ги раскажуваат своите животни стории, пеат песни и наведуваат различни термини на дијалектот кој го зборуваат.
Формираната збирка го носи името на професорот Коста Пеев, еден од најстарите слависти и македонисти кај нас, студент на Блаже Конески, кој целиот живот го има посветено на дијалектологијата. Особено е заслужен за деталното проучување и регистрирање на егејските говори, и тоа во изданијата „Речник на македонските дијалекти од југоисточниот дел на Егејска Македонија“ (во шест тома) и „Кукушкиот говор“ во два тома, што истовремено била и негова докторска дисертација, одбранета во 1983.
И сега доаѓаме до она на што всушност е посветен овој текст - начинот на кој еден сложен лингвистички проект каков што е овој бил работен во минатото. Имено, дијалектните карактеристики подразбираат посебни граматички симболи кои и денес, во ерата на компјутери, не би било баш едноставно да се внесуваат (нам ни доаѓа нервоза дури и од надредниот знак на се и и). Во случајов докторската дисертација чукана на машина пред финалното печатење е преточена во таканаречени печатарски „шпалти“ (слика доле), односно прв отпечаток од рачно реден текст во печатница, кого професорот го корегирал. Потоа линотиперот, односно словослагачот во печатницата (кој по сеќавањата се викал Фиат), СО ПИНЦЕТА, небаре лингвистички хирург, ги вадел непотребните или ги додавал неопходните оловни букви и знаци од рамката. Притоа шпалтите изгледале вака:
Откако книгата „Кукушкиот говор“ видела бел ден, професорот ги предизвикал колегите и студентите да најдат грешка. Облогот паднал, но грешка не е најдена.
Наспроти ова, една анегдота од понов датум. Рецензент на учебник прави поправки, но во следните верзии кои му се испраќаат гледа дека тие не се внесени. Одговорните никако да ги забележат, бидејќи не ги читаат коментарите, туку само кликаат „accept all" и тераат понатаму. Во еден момент рецензентот изнервирано пишува во коментар „Аман веќе, внесете ги поправките!“.
Учебникот излегува од печат, а внатре на соодветното место пишува: „Аман веќе, внесете ги поправките!“.
***
+ реакција од читател
Почитуван г-дине Трендо ,
Поттикнат од наведениот текст,ми претставува задоволство да Ве информирам дека ,,Фиат“ беше прекар на рачен словослагач во Универзитетската печатница во Скопје, каде се подготвуваа и печатеа најголем дел од изданијата на УКИМ и Академијата.Спомнатиот г-дин беше поранешен боксер во лесна или перолесна категорија, инаку познат по тоа што секојдневно беше топ ,,упицанет“, па дури и кога работеше беше со вратоврска. Со еден збор кажано, еден од многутемина вистински мајстори на Гутенберговиот занает кои работеа во Универзитетската печатница со кои имав задоволство да соработувам .
Поздрав!
Слободан Марковски