Драги пријатели и познаници,
Ви пишувам со одлични вести од Ероухед: наскоро ќе биде објавен мојот најнов роман, „Моби Дик“.
Ако го читате ова писмо тоа е затоа што патиштата ни се вкрстиле во некоја случајна точка на ова мачно патување низ животот. Можеби си ми поранешен соученик, или морнарички другар или колега од канцеларија; можеби си пријател на мои блиски или на мојот сакан Хоторн (*авторот на кого Мелвил му ја посветил „Моби Дик“). Можеби бевте на пикникот кој Лизи и јас го организиравме минатото лето тука, на идиличните ливади на западен Масачусетс. Несомнено сте добро образовани и културно воздигнати граѓани; идеално, вие сте од оние кои имаат благопријатна импресија за мене и уживате влијателна позиција во њујоршките или бостонските книжевни кругови.
Како и мојата многу популарна книга „Тајпи: поглед кон животот во Полинезија“ (* првата книга на Мелвил), и Моби Дик е авантуристичка. На читателите-обожаватели на моето претходно дело и ова без сомнение ќе им легне на срце. Но ова е многу повеќе од забавна приказна; таа е замелушувачка мешавина на храброст и опсесија, на психолошко и метафизичко; фрла светлина на спермокитот и на своите страници впрегнува доволно симболизам за да ги окупира истражувачите и студентите во следните векови. Наречете ме улав, но сесрдно верувам дека „Моби Дик“ би можела да стане класика - притоа мислам на книга која ќе има исто толку читатели колку и луѓе кои ќе се чувствуваат виновно што не ја прочитале - а понизниот потписник на овие редови би можел да биде славен - веројатно не во текот на својот живот, туку во поизвесната иднина, како еден од нашите најголеми писатели.
На за овие чудесни пророштва да се остварат, потребна ми е вашата помош.
Сите сте свесни, сигурен сум, за мноштвото потешкотии со кои се соочуваат писателите во овие скудни времиња. Со оглед на тоа што веќе имам воспоставено добра репутација, се сметам за еден од среќниците, но дури и прославените пера можат да профитираат од фалби, од тоа вечно, клето кочоперење.
Молејќи за ваше разбирање, наведувам неколу од начините на кои можете, доколку така повелате, да помогнете на каузата на „Моби Дик“.
1. Спомнете ја мојата книга каде и да сте...во црква, на забави, на градски собири, на плоштади. Колку повеќе луѓе слушнат за мојот роман, толку повеќе ќе бидат инспирирани да го купат. Ако доволен број од вас го сторат ова, може да покренете благопријатни гласини околу книгата, а тие потоа можат да се шират од село до село, од регион до регион, и евентуално, како на сон, од држава до држава додека - О, славна судбино! - гласот не премине и океани.
2. Пишувајте писма и статии во корист на книгата. Огромниот број весници, списанија, брошури, алманаси, имаат создадено популација уредници во постојана потрага по содржина која би ги пополнила нивните страници, и можам да ве увервам дека дури и најригидните помеѓу нив радо ќе го прифатат звукот и артикулираните дрдорења од книжевна природа. Вашите печатени зборови ќе ја претстават мојата книга на значаен број читатели и на онаа толпа критичари од високото добро утро кои не читаат толку колку што им проповедаат на другите кои книги треба да бидат читани. Не мора да им спомнувате дека го познавате авторот. И ве молам да не се ограничувате со географија и да сметате дека предвид доаѓаат публикации само на брегот на Нова Англија. Па не се мачев толку години со пишување за да ѝ понудам на јавноста само провинциска рибарска приказна!
Оние помеѓу вас кои се по технологијата можеби ќе сакаат да ги истражат можностите на телеграмите. Иако е прерано за некакви предвидувања за нејзината иднина, телеграмата сепак ме импресионира како алатка посоодветна за приватни разговори, отколку за јавна објава.
3. Измислете го книжевниот клуб. Ние сме проколнати да живееме во земја преполна со организации и здруженија за секаква замислена цел и активност, ОСВЕН за интелигентна дискусија поврзана со книги. Што може да спречи група истомислени смртници да се собираат еднаш неделно и да ги споделуваат своите мисли за книги кои ги читале? Ваквата размена може да го храни мозокот и да претставува многу поблагородно трошење на времето отколку простото седење пред огништето плетејќи уште едно глупаво чергиче. Учесниците можат да се менуваат како домаќини на средбите во своите домови, нудејќи и некое мезе. Потоа, во одреден час, во атмосфера на учтивост и толеранција, секој член може да си ги изнесе своите впечатоци и мислења за книгата која е определена претходната недела. Првата од нив може да биде Моби Дик.
4. Научете нешто од тропските предели. Има голем број начини да се искаже поддршка, исто како што има многу начини да се искаже љубов. Во текот на моите патувања низ Јужниот Пацифик, забележав дека кожата на голем број домородци е украсена со дизајни кои тие ги нарекуваат „тетоважи“. Тие беа носени не само како декорација, туку им беа припишувани особени значења. Колку и да ми е чуден овој обичај, тој ми поттикна идеја дека човечкиот облик може да биде еден вид огласна табла. Јасно, ниту едно цивилизирано суштество не би сакало да го унакажи своето тело на ваков гротесктен начин, но што ако некој на себе носи одреден знак и така се шета меѓу народот? Таа табла би содржела ударна фраза, нешто јасно и концизно и поттикнувачко како „ЧИТАЈТЕ ГО МОБИ ДИК!“. За носителот на пораката да не мора да го трпи товарот на знакот долго време, тој би можел да биде поврзан со друга табла со истата порака на грбот. Двата знака би можеле да бидат тенки како парче леб, а човекот да биде сместен како колбас помеѓу нив. Мажи, па дури и жени - верни пријатели и посветени обожаватели - би можеле да шетаат со нивните „сендвич табли“ меѓу толпата на Вол стрит и помеѓу продавачите на пазарот Квинси, ширејќи го муабетот, на најагресивен и ефикасен начин, за книга со несомнено чуден наслов.
Замислил: Томас Свик (Литхаб)