Некој да проба со говор на наш политичар?

Како една поетска форма доби нова политичка смисла во 2017

Позната како „блекаут“, колажна или редактирана поезија, таа се создава од постоечки текст, со покривање/бришење/сечење на одредени зборови, по што тој добива нова смисла. 

Два дена по инаугурацијата на Трамп, Pankmagazine објави „бришана“ верзија на неговиот говор, во кој на ваков начин се добиени реченици од типот „крвопролевањето е сонот на сите Американци“. Следеше лавина од варијации на тема, како на пример песната на Ниина Поллари „Формулар Н-400“ (називот на апликацијата која се поднесува за да се стане натурализиран жител на САД), и тоа веднаш откако Трамп ја издаде првата извршна наредба со која во земјата им се забрануваше влез на граѓани на одредени земји, меѓу кои Ирак, Сирија и Иран. Се отворија и посебни твитер профили кои објавуваа ваков тип поезија, на пример таква добиена со бришење на делови на вести од Си-ен-ен (@CNNPoetry):

Сите овие песни порачуваат: игнорирајте ги „вишокот“ зборови во текстовите, и ќе ја добиете нивната вистинска смисла - реченици кои отсекогаш постоеле, но само биле замаскирани. Целта е да се преиспитаат институциите и наративите кои ги моделираат животите на Американците (и не само нивните), од административната бирократија до новите медиуми. Јазикот се користи како форма на отпор и преземање на контролата врз доминантниот дискурс - официјалните документи и вести пренесени од мејнстрим медиумите, кои на овој начин добиваат радикално ново значење.

Секако, ова не е прв пат бришењето да се користи за поетски цели. Во 1965, на пример, визуелната уметница Дорис Крос (слика долу) го направила ова со речникот на англиски јазик Вебстер од 1913 и ги објавила нејзините „Речнички колумни“, комбинација на бришење и илустрации (за жал посебна Википедија страница за нејзе нема, но постои таква посветена на бришењето како уметничка форма главно во американската поезија). Toa (бришењето) може да се врши и по пат на сечење и колажно комбинирање на зборови, кои така добиваат ново значење и заради визуелната фрагментираност. На овој начин се деконструирани и класиците, како Шекспировите сонети, „Загубениот рај“ на Милтон и други свети и профани текстови.

Во 2000-те поетите како повторно да го открија овој жанр и почнаа да го користат како политички коментар, со извори како Рузвелтовата извршна наредба 9066, Стандардната оперативна процедура на американското Министерство за одбрана, сведочењата на жртвите на Абу Граиб или Извештајот на Комисијата за 11 септември. Создавањето нови анти-Трамп песни се надоврзува на оваа низа, и тие се насочени не само против него лично, туку и против јазикот на ултра-десницата. На овој начин се задоволува и правдата - под слоевите дрн-дрн се открива што точно мисли Трамп, за себе и за Америка. Како што се вели во една од песните добиени со бришење на делови од негови говори: „Сакам нова Америка/Америка која е безобѕирна/катастрофална/ хаотична/Јас го претставувам сето она што е погрешно со оваа земја“.

Извор: Њу Репаблик

24 октомври 2017 - 08:46