126 години од раѓањето на Шредингер

Како да се ослободите од слободната волја?

На роденденот на австрискиот физичар, попознат по неговата мачка, ви претставуваме алатка која ќе ви помогне во полесно донесување одлуки. Не, нема да морате да убивате топлокрвни животни.

Веројатно сте чуле за мисловниот експеримент на Шредингер, кој денес би полнел 126, и е почастен со свој Гугл дудл. Во затворена кутија (во оригиналот: челична комора) се става мачка, шишенце со отров, чеканче, радиоактивен извор и детектор на радиоактивност. Ако детекторот регистрира зрачење од изворот, чеканот го крши шишето, и го испушта отровот, кој ја убива мачката. Бидејќи ние сме надвор од кутијата и не знаеме што се случува внатре, за нас мачката во секој момент е и жива и мртва. Но тоа секако не е можно - ако некако успееме да ѕирнеме во кутијата, ќе видиме дека таа е или жива или мртва.

Референците, понекогаш погрешни, на ликот и делото на мачката на Шредингер, во популарната култура се бројни. Одбравме една која ни се виде најзабавна, а богами и корисна. Се вика „Донесувач на одлуки", се состои од кутија и пластично маче плус гратис батерии, и чини 24.99$. Во описот на производот се вели: „Понекогаш е навистина тешко да се направи вистинскиот избор. Да се пие кафе или чај? Да се вработи Трајче или Трајче? На долги стази овие работи и не се толку важни. Откажете се од вашата слободна волја, и препуштете ѝ ја на мачката на Шредингер".

Упатството за користењето е следно:

1. Пoставувате прашање. Кое и да е кое може да се одговори со да или со не. Според производителот тоа може да биде од „деловна, законодавна или приватна природа".

2. Ја отварате вратничката. Мачката е ИЛИ жива ИЛИ мртва, и тоа е вашиот одговор - да (жива), не (мртва). Не е страшно ако се израдувате и на мртва мачка, ако тоа ви одговара. 

3. Носите одлука врз основа на „знакот" од небесата. Во случајов од кутијата.

Ако се одлучите да ја набавите можете да ја нарачате тука. Нагласено е дека ниту едно маче не е повредено во текот на производството (а и користењето) на овој артикл.

 
12 август 2013 - 10:32