Кафка не сакал цртежи од инсектот од „Преобразба“ - Набоков не издржал

Она во што се претворил Грегор Самса, главниот лик во „Преобразба“ во различните преводи е наведено како „бубашваба“, „инсект“, „џиновска бубачка“. Ниту еден од овие описи не е неточен, бидејќи Грегор има повеќе нозе и некој вид егзоскелет, какви што имаат инсектите. Но германските зборови од првата реченица кои се користат за негов опис се многу помистериозни. 

„Едно утро, кога Грегор Самса се разбуди од мачните соништа, се најде преобразен во својот кревет во ужасна гадинка". Последните два збора во германскиот оригинал гласат - einem ungeheuerem Ungeziefer. И придавката ungeheuer (монструзно, огромно) и именката Ungeziefer, се негации, всушност непостоечки нешта. Второто на дијалект опишува „нечисто животно несоодветно за жртвување“, кое припаѓа на класата грозни нешта кои ползат. Може да сугерира голем број инсекти, но исто така и стаорци. Кафка очигледно сакал на новото тело на Грегор да гледаме како што тој самиот го гледа - низ превез на тотална збунетост и неодреденост.

Веројатно токму од оваа причина Кафка забранил слики од Грегор откако тој еднаш е преобразен. Во 1915 во писмо до својот издавач, тој навел: „Инсектот не смее да биде нацртан, тој не треба да се гледа дури ни од далечина“. Насловната на првото издание, наместо тоа, прикажува човек кој е соочен со страв, но самиот нема никаква физичка одлика на инсект. 

Таксономијата на можната бубачка којашто се појавува во делото е енигма за сите оние кои се обиделе да ја дефинираат, врз основа на Грегоровите движења, губењето на видот, нагонот да ја касне сестра си. Но имало и колеги на Кафка кои се нафатиле на оваа задача. Лепидоптеристот Владимир Набоков (за неговата страст за проучување пеперутки и молци види претходно тука) не издржал и не го послушал советот на Кафка.

На својот примерок кој го користел за предавање за „Преобразба“ на Универзитетот Велсли, Масачусетс и на Корнел (целото предавање тука), тој нацртал инсект кој сметал дека визуелно одговара на книжевниот опис. Во примерокот кој е полн со рачно внесувани забелешки, тој го има чкртнато зборот „огромен“ и допишал „нешто над 90 сантиметри“, сметајќи дека станува збор „само за голема бубачка“, која дополнително може да лета со што се објаснува неговата појава на таванот. Тој ги отфрла и сите религиски асоцијации на нешто нечисто во таква, верска смисла. 

Иако со цртежот изгледа како Набоков да не ја почитува желбата на неговиот колега, тој во предавањето го нарекува „најголемиот германски писател на нашето време“, додавајќи: „Поетите како Рилке или прозните автори како Томас Ман се џуџиња и пластични светци во споредба со него“. 

извор

18 март 2022 - 09:52