Јапонија воведува правила против „откачени“ бебешки имиња

„Киракира“ се откачени или „светкави“ имиња кои им се ставаат на бебиња во Јапонија, така за да отскокнуваат од другите. Истите предизвикуваат проблем затоа што често употребуваат ретки или креативни симболи. Иако на младите родители им се чинат слатки и тренди, други ги критикуваат како застранување од традицијата, но и проблематични за читање. 

Oд сега во Јапонија родителите веќе нема да имаат слобода во бирањето на имиња за своите деца. Од оваа недела се воведуваат нови правила, за да се сопре трендот на давање „откачени“ имиња за кои е тешко да се најде соодветна комбинација на симболи - тн. „канџи“ (кинеските знаци кои се користат во јапонскиот). Промените се поттикнати од тешкотиите со кои се соочува администрацијата и државните институции (училишта, болници) со водењето евиденција кога се во прашање вакви имиња. 

Според новата регулатива семејствата се уште можат да даваат имиња напишани на канџи, но тие истовремено треба да ги информираат локалните власти за фонетското читање, во обид да се забранат необичните или контроверзни изговори. 

Дебатата на оваа тема се води уште од 1990-тите, но се засили со премин на дигитална евиденција на административните процедури. Родителите се критикувани поради давањето имиња на славни ликови или брендови, како Пикачу, Наики (Најк), но и „дрски“ (од аспект на јапонската култура), како Оџисама (Принц) или Акума (Ѓавол).

Сеико Хашимото, поранешна олимписка натпреварувачка во брзо лизгање, предизвика скандал кога им даде имиња на своите деца Гиришија (Грција) и Торино (градот во Италија), бидејќи тие се родиле кога биле одржани лената и зимската Олимпијада на овие локации. Таа самата и избрала симболите (канџи-те), знаела како да ги изговори, но другите биле оставени во чудо, бидејќи канџите се такви симболи кои не овозможуваат секогаш прецизен фонетски изговор, особено ако се необично комбинирани. 

27 мај 2025 - 11:57