Изложба на Сашо Алушевски - „Ситуацијата е розова“

На 20 јули (вторник) во 20 часот во Културно-информативниот центар, во склоп на Скопско лето, ќе биде отворена фото-изложба на Сашо Алушевски, „Ситуацијата е розова“.

Станува збор за триесетина портрети на македонски уметници, направени со техниката мокар колодиумски процес, која датира од средината на 19 век, а со која кај нас се занимава исклучиво Алушевски.

Оригиналните фотографии се направени на стаклени плочи, а изложените дела претставуваат отпечатени скенови од нив. Помеѓу нив има портрети на сликарите Миро Масин и Сергеј Андреевски, балерините Стефанија Гаштарска и Ивана Коцева, режисерите Ѓорче Ставрески и Тамара Котевска и други. Фотографиите се со димензија 100х70, односно ликовите се многу поголеми од нивната природна големина. Изложбата е придружена со видео во кое портретираните објаснуваат зошто се занимаваат со уметност и кое е нивното уметничко кредо.

Специфичната естетика на оваа техника резултира со слики кои делуваат како да се навистина од некое друго време, како на нив да не се фотографираните, туку некој нивен реален или духовен предок. „Валкани“, изгребани, со дамки и непредвидливи ефекти, тие се контрапункт на современата фотографска технологија која разубавува и подмладува, филтрира и корегира. На нив ситуацијата е онолку розова колку што (не) е во реалноста.

18 јули 2021 - 20:50