Пред неполни 5 години, светот на издаваштвото го зафати колективна паника поради неизвесната иднина на печатените книги. Како што читателите мигрираа од печатениот во дигиталниот свет, продажбата на е-книгите порасна за дури 12,6 пати во рок од 2 години. Нема продавач што не се пожалил дека луѓето што ги посетуваат книжарниците доаѓаат само да ги пикираат делата што подоцна ќе ги нарачаат на интернет за живо џабе.
Но сега, како што пишува Њујорк Тајмс, има знаци дека оние веќе конвертираните во е-читатели се враќаат кон печатените формати, или пак стануваат тн. „хибридни читачи". Додека сите анализи предвидуваа дека електронските изданија без сомнение ќе ја добијат битката со печатените, годинава се случува неочекуван пресврт: Здружението на американски издавачи, врз основа на податоци од 120 издавачки куќи, тврди дека продажбата на е-книги е опадната за 20% во првите 5 месеци од оваа година. Ова се толкува како сигнал дека издаваштвото, иако не сосема имуно на технолошките трендови, ќе издржи пред плимата на дигиталната технологија и подобро ќе се снајде во оваа ситуација од други медиуми, како музиката или телевизијата.
„Тоа е едноставна работа; само книгите кои стојат на полиците можат да бидат продадени", вели шефот на Пингвин Рендом Хаус, Маркус Дол. Неговата издавачка куќа има вложено големи пари во печатарската инфраструктура и продажбата - речиси 100 милиони долари во проширување на магацините и забрзувањето на дистрибуцијата на книгите. Слична е ситуацијата и со другите големи издавачки куќи како Ашет или Сајмон и Шустер.
Мислејќи дека читателите се веќе освоени и дека тие не можат да се премислат, платформите за продажба на е-книги пак се дрзнаа да ги зголемат цените на своите изданија. Тоа е уште една причина што годинава продажбата на печатени книги забележува раст од 8.45%.
Изненадени од наглото враќање на ситуација од пред неколку години, онлајн продавниците се принудени да ја свиткаат својата претенциозна опашка. Минатата година Амазон, кој контролира 65% од пазарот со е-книги, воведе е-претплата од 10 долари месечно, за неограничен пристап до дигитални содржини. Амазон почнаа да се расфрла и со разни понуди за таблети по цени од 50-тина долари. Чисто за споредба, првата генерација на Киндл чинеше 8 пати повеќе. Ова одлично им погодува на независните книжарници, кои до сега се бореа со рецесијата и со нелојалната конкуренција на Амазон.
Дали и оваа ситуација е само некаква пауза, или следната генерација читатели повторно ќе сака дигитални книги, тоа никој не го знае. Во меѓувреме оние кои се плашеа од „дигиталниот тероризам" во издаваштвото можат барем привремено да здивнат.