На ужас на германските јазични пуристи, списокот на англицизми кои се инфилтрираат во овој јазик постојано се шири. Терминот „инфлуенсер“, кој опишува човек со голем број следбеници на Фејсбук и Твитер, во отсуство на соодветна алтернатива (или таква која ќе фати корен), се користи за овој современ феномен и во германскиот. Токму тој ја понесе титулата „нај(германски)англицизам 2017“.
Истото важи и за вториот збор кој влезе во финале за „нај“ англицизам за 2017, блокчејн, децентрализирана технологија која се користи за создавање криптовалута, додека „најс“ го зазеде третото место, што се должи на неговата популарност меѓу германската младина.
Во изборот кој е востановен во 2010 учествувале вкупно 51 збор, а конечната одлука ја донело жири составено од шестмина доктори на науки и професори по лингвистика од различни институти и универзитети во Германија. Англицизам на претходната, 2016, беше „фејк љуз“, а во 2015 победи refugees welcome, израз кој често се среќаваше на протестите против ксенофобијата во текот на 2015, кога Германија прими околу 890.000 мигранти.