Игор Исаковски е поет, прозаист, уредник, преведувач. Основач е и директор на Културната установа Блесок. Преведува поезија, проза и есеи од (и на) македонски, англиски, српско-хрватски-босански-црногорски, и од словенечки на македонски. Во негов превод на македонски, објавени се шеесет книги. Го нема по медиуми, на интернет тешко се наоѓа негово интервју. Разговорот го правиме по повод промоцијата на две негови нови поетски книги, Смртта има коса од морска трева (нови песни) и Светлината ве чека на рецепција (двојазичен, македонско-англиски избор) која ќе се случи на 11.11 (понеделник, во МКЦ клубот, во 20.30).
Само што го вклучив диктафонот, затресе земјотрес. На шала му велам: и Земјата се стресе дека даваш интервју.
Те нема по медиуми, вешто ги одбегнуваш, ја криеш приватноста или нема интерес?
Има два одговори. Глупаво е да барам да ми прават интервју. Не ја кријам приватноста, зашто ако ја кријам нема да пишувам онака како што пишувам. Мислам дека нема интерес за мене, можеби поинтересни се некои други фаци. Сум одбил гостување во емисии за кои сум сметал дека не ми е таму место, избирам кому ќе му бидам гостин. Во Македонија не ме контактираат. Кога одам во странство, да. Овде ми се чини повеќе ме знаат како издавач на Блесок, уредник. Обично ги интересира што има ново во Блесок. Сакам интервјуа кога личноста со која разговарам е подготвена. Моите книги се достапни и на секој кој би сакал да прави интервју би му ги дал да ги прочита. Не мора сите, хахаха! Ме нервираат прашања од типот: со што се занимава Вашата поезија, која е темата на Вашата нова книга. Ако требало тоа да го објаснувам по интервјуа, зошто би ја напишал книгата, да му се невиди!
По прочитувањето на твојата нова книга „Смртта има коса од морска трева", имав впечаток дека многу си се измачил. Од каде таа потреба за толку директно соочување и пресметување со смртта? Страв од смрт?
Јас кон смртта имам амбивалентен однос, со оваа книга затворам еден круг. Смртта ме привлекувала затоа што е мрачна и табуизирана. Не само чинот на умирање, туку и пост-фестум, отпис од регистар на живи, погребот, опелото. Сите тие драматуршки моменти, се интересни како чин. Немам јас страв од смртта. Првата песна од книгата е напишана есента, 2011. Не мислев дека цела книга ќе биде за смртта. Битно ми е да имам концептуално издржана книга, песните сами по себе да функционираат, но и книгата да има своја приказна. Кругот се отвори во септември 2011, со првите симптоми за канцер, на кои не им посветив посебно внимание. Тој прв дел заврши со операција, која се случи на почетокот на ноември, 2011-та. Во меѓувреме решив да не менувам ништо, ни во исхрана, ни во начинот на живот. Најважно ми беше психолошки да останам стабилен. Конечно, ако 40 години сум живеел на еден начин, не гледав причина зошто би го менувал. Вториот дел од кругот се затвори летово, со објавувањето на книгата, и сега со промоцијата го затворам тој круг целосно.
Меѓутоа книгата ја завршуваш со пост-скриптум: ќе ја допишам книгата за смртта, од ќеф. Не си кажавте сè?
Имаше уште еден момент во врска со смртта, кој во последно време го нема, и ми е драго што е така; јас имав многу суицидални моменти. Во суштина, ништо што сум напишал не е поза, тоа се работи кои сум ги доживеал. Кога сум размислувал за самоубиство, тоа и сум го напишал. Тоа е другиот аспект на смртта, преземање на својот живот во свои раце. Тие суицидални моменти ги имав зашто сум прилично сензитивен. Соочувањето со бесмисленоста на животот, одредени ситуации во кои сум бил, ме натерале да размислувам за самоубиство, начинот на кој би се самоубил, одејќи дури во детали. Не сум се исплашил од смртта и кога сум бил соочен со смрт на блиски, на пр. на татко ми. Мразам флоскули: што е мое ќе си дојде, само ќе си се каже. Или јас ќе кажам или некој ќе ми го каже, ама нема само да се каже. Чекајќи „од Бога росица", човек останува жеден. Моментите кога се соочував со идеи за самоубиство и начините на кои би го направил, успеав да ги надминам пишувајќи за нив. Напишав неколку ведри песни за тоа. Песната Ноќи кога помислуваш на самоубиство ја читав во Виленица есента 2012, на македонски, а зад мене одеше бим со словенечки и англиски превод. Додека читав, публиката се смееше. Моите познаници после тоа ми рекоа: не сме чуле песна на ваква тема, а да биде толку смешна.
Имаш ли морална одговорност дека некој може да се препознае во песните, бидејќи песните ти се многу лични?
Не, јас сум многу себичен. Важно ми е да ги читаат песните, во спротивно не би ги објавувал. Но, од друга страна се такви како што јас ги доживувам, чувствувам. Еден од начините за добар книжевен текст е авторот да биде максимално искрен. Не работам ништо во ракавици, таков ми е односот и кон светот и кон моето пишување. Сакам мене да ми биде добар текстот што го пишувам.
Намерно велам текстот, зашто пишувам и проза. Во поезијата може да се препознае секој, а во прозата имам ликови кои се вистински и доживеани. Не можам себеси да се цензурирам мислејќи на тоа како некој ќе доживее нешто што сум напишал. Тоа е исто како да го планираш секој чекор во јавен простор, не си слободен, стегнат си, внимаваш каква реакција ќе предизвикаш. Не сакам текстови пишувани заради награди, стипендии, пофални слова, текстови по повод. За мене тоа е арчење на време. Тоа што не водам сметка дали некој ќе биде повреден не значи дека ги потценувам читателите, туку напротив, сакам да им го дадам она што јас мислам дека е добро, да бидам вистинит. Вистината многу пати боли. Ако вистината се прикрива, ако се пика под тепих, еден ден тепихот ќе се претвори во планина. Не можам да поднесам да се гледаме преку врв од планина од неискажани работи, ни во животот ни во уметноста.
Книгата има делови: „нежните песни доаѓаат тивко", „она што мора да се каже", и „она што би го премолчил". Што премолчуваш?
Работи што не сакам да се случат. Не сме свесни дека живееме во постојано време на војна, постојан терор. Репресијата е сè поприсутна, секаде. Еве, последните скандали со пропаѓањето на банките. Тоа постоело отсекогаш. Да се контролираат луѓето коишто се на власт, секогаш било цел на луѓе кои се во сенка. Приватни банки пропаѓаат и државата се задолжува да им ги покрие долговите! Тоа е таков нонсенс, но ете – во ваков свет – лесно поминува! Ако ние не платиме сметки за струја, ќе ни ја искучат и никому нема да му е гајле дека треба да работиме и дека ни е потребна. Нас нè залажуваат дека треба да имаме слободна економија, а имаме наметнат консумеризам. Ние сме претворени во консументи и создавачи на додадена вредност – која некој друг ја собира во своите бесконечно ненаситни џебови! На Дискавери пред 5 години имаше повеќе историја, научна фантастика, технологија. Денес, емисиите се поврзани со преживување или со глорификација на материјалното. Одеднаш предметот стигнува до ниво на култ. Се чудиме зошто вредносните судови се извитоперени или воопшто ги нема. За да имаш вредносен суд треба да прочиташ добра книга, да одиш на добар концерт, слушаш добра музика, изгледаш добар филм.
Човекот во такво општество најлесно се откажува од култура, се бори да преживее. Би се откажал ли од издаваштвото?
Понекогаш помислувам да се откажам
Зарем не е тоа линија на помал отпор?
Е. И само заради тоа не сакам да се откажам. Луѓето се во состојба на терор, во цел свет. И во земји кај што имаат пари да покријат сметки, купуваат шунд литература која медиумите ќе им ја протнат. Медиумите го диктираат вкусот, медиумите се трујачи на вкусот. Видов еден убав графит пред некој ден: Ало глупаци, 1984 не требаше да ви биде прирачник. Состојбата на терор е следна: луѓето се ставени во точка на прекршување, од премор. Принудени се да работат само за да обезбедат егзистенција, и тоа многу саати во денот. На уморен човек му требаат – леб и игри. Толку се преморени што им е тешко да одат и на протести за своите права. Ставени се во ќош. Злото има тенденција да се храни од очајот и недоволната силност на оние кои му се спротивставуваат. Јас имам среќа и храброст да го правам ова што го правам, да работам и да имам слободни денови кога јас сакам. Без разлика на цената што ја плаќам. Тоа е мој избор. Таквите избори се најчесто најскапи, но искреноста кон себе не смее да има цена.
Во твоите песни се чувствува осаменост. Дали незадоволството те тера во самотија?
Не, осаменост е психолошки момент. Самотија сум избрал затоа што така најдобро функционирам. Да живеам со некого само за да не живеам сам, тоа за мене е сулудо. Сум избрал да живеам сам, зашто така ми е добро. Осаменоста е можно да се појави кога живееш сам, но се обидувам да ја исфрлам од мене, сè подобро ги наоѓам начините. Никогаш не сум сакал лицемерие. Ако нешто не ми се допаѓа, или ќе се тргнам или ќе влезам во поголем конфликт. И самотијата е табуизирана. Зошто човекот да биде општествено битие? Ова е лицемерно и во суштина прикладно објаснување наметнато од центрите на моќ – „човекот треба да биде општествено битие и да биде моногамен". Од каде тоа дека човекот треба да биде моногамен, зошто? Зашто во моногамен брак многу полесно се создаваат материјални вредности, се оданочуваат и се знае кому што му припаѓа, вклучувајќи ја тука државата, црквата. Не сакам да сум моногамен фраер, а сега не сум ни полигамен: сега сум сам. Мене не ме прави општеството среќен. Затоа и не се гледам како дефинирано општествено битие.
Колку и да е споменарско прашање, што те прави среќен?
Ситни работи ме прават среќен, кога ќе погледнам колку се шарени дрвјата. Насмевката на моите деца. Таа чиста и посветена љубов. Моментите поминати со нив ми се драгоцени, кои не се сведуваат на галење, туку напротив, правиме муабет, читаме, играме. Ме прави среќен кога ќе прочитам нешто убаво, кога ќе напишам нешто убаво, добра музика, добра храна...
Зарем не те плаши твојата изолираност, кога ќе излезеш и ќе се соочиш со реалноста, луѓето? Безмилосноста кон себе е најдобар начин да имаш сомилост кон светот, велиш во една своја песна.
Мојата изолација не е казна. Јас не сум погрешил за да се казнувам. И кога живеев со некого (можеби некогаш пак ќе живеам), сакам да имам саати за себе, да бидам сам. Колку и да звучи себично. Ако некој се најде заради тоа повреден, едноставно не се разбираме Таа безмилосност е таква за да се спознаеш себеси. Не градам за себе слика дека сум најдобар. Мислам дека во многу аспекти сум добар човек, но има работи за кои сум дудук. Јас не сум совршен. Кога си безмилосен кон себе, кога ќе сфатиш дека не си совршен – така се однесуваш и си сомилосен кон светот. Овој свет има свои убави моменти, има убавина. Но, исто така, овој свет е преполн со демагогија. Мојот начин на одбрана и отпор е да пишувам најискрено и да живеам највистинито што можам.
Тоа што го бараш од себе го бараш и од другите?
Не, барам само искреност и точност. Не барам отвореност. Ако некој сака да биде отворен со мене, нема да одбијам, но она што ми го кажува треба да биде искрено. Немам време за губење за некој што не е точен. Ако нешто сме се договориле сакам да се испочитува.. Јас тоа го правам и очекувам и другите да го прават, зашто е ферски и човечки.
Не можам да избегам од прашањето дека сè почесто живееме онлајн, се палиме на лајкови, зборуваме во монитор, пред очите на други, дозволуваме да нè изнервираат онлајн коментари. Каде се изгубивме меѓу виртуелното и реалното?
Не е тоа виртуелно, виртуелно е нешто замислено, самата терминологија е погрешна, „виртуелна реалност". Не може нешто што постои да биде „виртуелно". Луѓето се ослободени кога не се гледаат. Имаше и некој напис во весник, дека луѓето сè помалку го користат телефонот за муабет, а разговараат на интернет и Фејсбук. Фејсбук како феномен, е ставен вон интернет; нова грешка, зашто тоа е како да кажеш дека Егејско Море е поголемо од Средоземно. Има моменти кога сакам да се изолирам од Фејсбук, да не гледам. Друштвените мрежи ги користам за да пласирам информации кои мене ми се важни, нови наслови на Блесок, промоции. За моите гостувања не пишувам многу затоа што ми е дегутантно, заради некои мои божемни „колеги". Од друга страна, сакам да внесам и некоја човечка димензија, да не биде тоа само некоја штура информација: ако слушам некоја убава песна, да ја споделам со луѓе. Не се палам на лајкови, битно ми е гласот за она што го правам да стигне до нив. Не сум на овој свет за да им се допаднам на сите. Мојот пристап кон друштвените мрежи сакам да биде искрен и чесен, да не биде злоупотребен.
Луѓето се ослободија, пишуваат песни, раскази и објавуваат на друштвените мрежи. Што тебе те тера да пишуваш? Сè ми се чини дека луѓето пишуваат во моменти на болка и тага, а не кога се среќни. Зошто никој не ја споделува својата среќа туку секогаш само болката?
Кога сум задоволен, мене не ми треба тоа да го извербализирам. Самата уметност бара драматичност. Потребата да се раатисаш од болка доведува до таа уметност. Јас уживам да раскажам како си го поминувам денот, ама таа убавина ја споделувам на поинаков начин. Незадолството, болката, чемерот, тагата, чувството на бесмисленост, ме тераат да пишувам. Кога би нашол некое место каде би можел да ловам риби по цел ден, веројатно не би пишувал. За мене пишувањето е доживување, преживување и учење за себе. Неколку години сериозно размислувам да напишам книга во која сите раскази ќе имаат иста тема – риболов. Риболовот за мене е метафизика. Сакам да седам покрај некоја вода и верувам дека не би имал потреба да пишувам. Можеби би пишувал писма до драги луѓе, кои не се покрај мене. Од поезија не се живее ама за поезија треба да се живее. Не случајно поезијата како начин на уметнички израз постои од кога постои светот. Еден од најстарите записи на плоча е епот за Гилгамеш, Библијата е напишана во стихови, Куранот е стихуван. Јазикот мора да живее и да се надградува низ поезија. Многу е важно кога една суштински чиста поезија ќе понуди нови метафори, нови слики, нешто што некој поинаку го видел, доживеал и размислувал со јаснотија. Сакаме да се изразиме, дали за злоба или за среќа, радост, светлина. Ако јазикот, ако зборот не го негуваме, ние ќе почнеме да дегенерираме. Има сè помалку зборови извадени од џигер. Затоа и толку шум и вакуум насекаде.
Илинка Делчева
Ноќи кога помислуваш на самоубиство
во такви ноќи (кога помислуваш) кои се
баш пеколно долги и бесмислено вакуумизирани,
кои се понекогаш тивки, понекогаш бучни,
кои се секогаш самотни и пеколно осамени:
затвори ги сите прозори, сите балконски врати.
не оди во тоалет дури и во најголема нужда:
таму е жилетот и секогаш спремната топла вода.
не оди ни во кујната (откако веќе си затворил сè):
таму е рерната, таму се ножовите. (а има и отров
за глувци.) во ноќи кога помислуваш на самоубиство
наточи си една дебела (затоа е добро шишето секогаш
да ти е при рака, а не во кујната), запали си цигара
(или свеќа, важно нешто да запалиш) но немој
да се палиш себе: каква корист
ако никој не може да ти го идентификува
трупот? пушти си музика која те нервира: и мисли
на гневот, остави го да прсне низ тебе
и изблуј го до последната капка. но
блуј во себе: нема резон да ја укашкаш собата
(клозетот и прозорците ти се забранети зони).
додека ова го читаш (ти латентен самоубиецу!) стани
и почешај се. и помисли дека немаш животно
осигурување. откако ќе помислиш дека никој нема
да се офајди од твојата смрт, наточи си.
уште една дебела. можеби тогаш ќе помислиш:
нешто. сеедно што. можеби ќе ја помислиш мислата
која конечно ќе те дотепа. онаа која отсекогаш
само тебе те чекала. и која ниедна обдукција
нема да може да ја означи како причина за смрт.
(за поводите и онака ретко кој размислува.)