Sanity е тешко преводлив збор. Би требало да означува спротивно од лудило, па сепак „нормалност“ не е соодветен збор. Се разликува и од само „разумност“ (rationality), затоа што луѓето кои се „сејн“ не значи дека во своето однесување се раководат исклучиво од разумот. Можеби најдобар превод во контекст на овој текст оттаму е свесност.
Новата книга на Нил Бартон зборува и за нешто повеќе од тоа - за хипер-свесност. Тоа не е баш вообичаен термин, но не е ни нов. Прв го употребил Р Д Лејнг (R D Laing) во книгата „Политиката на искуството и рајската птица“ од 1967. Шкотскиот психијатар (за кого подетално пишувавме тука) смeтал дека „лудилото“ е всушност прозорец кон откритија кој може да се отвори во состојба на висока свесност, или - хиперсвесност. За Лејнг тонењето во лудило може да доведе до будење и ослободување, а не нужно кон слом на личноста.
Овој концепт има древни корени. Кога го прашале Диоген кое е најубавото од сите нешта, тој одговорил - parrhesia (парезија), нешто како „слободен говор“, „целосен израз“ или „непречена мисла“. Тоа е истиот оној Диоген кој шетал низ Атина гол со светилка, барајќи „човек“. Притоа живеел, според едни во нешто што личело на када, според други во буре, но како и да е го отфрлал материјалното и велел дека имаме многу што да научиме од едноставноста и интелигенцијата на кучињата. Мастурбирал на јавни места во знак на протест против лажниот морал. Заради сето ова многумина го мислеле за луд.
Иако од денешен аспект тој веројатно бил повеќе хипер-свесен отколку ментално нестабилен, тоа не значи дека асоцијалното однесување е клучот за свесноста (или обратно, негова незаобиколна последица). Хиперсвесните се меѓу нас, тврди Бартон, но иронијата е во следново - ТОКМУ затоа што се хиперсвесни, тие често одлучуваат да не прифаќаат јавни функции, да стремат кон слава, да се изложуваат на јавност. Затоа и не знаеме точно кои се, и колкумина се. Ретко кој одговара на повикот својата хиперсвесност да ја стави во служба на човештвото, а помеѓу нив авторот ги набројува Далај Лама, Нелсон Мандела, Џејн Гудал, кои иако извршиле глобално влијание, сепак живееле во сопствен свет кој не би се разликувал многу дури и да не се славни. Нивната хиперсвесност не ги прави цинични, ниту нихилисти, туку спокојни, смирени и конструктивни, луѓе на кои им е јасна големата слика и начинот на кој можат да ја прилагодат онаа нивната, малата, на околностите во кои се нашле.
Со други зборови, многу различни од повеќето од нас. Колку и да мислиме дека доволно сме полуделе, за да ни се отвори таа екстра чакра на хиперсвесност.