Бизарната идеја за средовековно оружје - мачки-самоубијци

Прво мислевме дека станува збор за истоимената друштвена игра, Експлодинг китенс. Ама ова било друго. Во историјата на воените прирачници може да се најдат навистина необични и морничави идеи, но малку од нив се толку чудни како замислата за едно вакво оружје. 

Во еден воен ракопис од почетокот на 16 век, артилерискиот мајстор Франц Хелм опишал необична стратегија за опсадна војна: користење мачки како носители на запаливи направи за предизвикување пожари во тврдини и градови.

Иако траги од мачки, како отпечатоци од шепи или дамки од урина, можеле да се најдат на средновековни ракописи и тоа не било ништо невообичаено, идејата мачка да биде врзана со мала барутна направа (читај: бомба) на грбот е сосема поинаква приказна. Хелм, кој бил специјалист за артилерија, во својот прирачник разработувал разни начини за уништување при опсади, особено со запаливи вреќи, буриња и други садови. Очигледно, во еден момент решил овие идеи да ги спои со животни како „средство за испорака“.

Според неговото упатство, командантот требало да земе мачка од местото што сака да го нападне, односно мачка која веќе припаѓала на тој град или замок. На нејзиниот грб требало да се врзе мала запалива вреќа, слична на огнена стрела. Откако ќе се запали, мачката требало да се пушти да избега. Од страв, таа природно би трчала назад кон најблискиот замок или град, барајќи засолниште во штала, сено или слама — и токму таму би го активирала пожарот. Сиротото маче притоа веројатно би настрадало (ама тоа би се броело како „колатерална штета“).

Историчарот Мич Фрас од Универзитетот во Пенсилванија, кој подетално го проучувал овој дигитализиран ракопис, го превел текстот и потврдил дека ова навистина била предложена стратегија. Се разбира, и тогаш, како и денес, останува прашањето колку оваа идеја би била практична, со оглед на тоа што мачките се познати по својата непредвидливост и независност (а можат и да тргнат во спротивен правец).

Така, иако можеби звучи како црн хумор или фантазија, „експлозивните мачки“ остануваат еден од најчудните примери за креативноста и суровоста на старите воени стратегии.

извор

29 април 2026 - 09:57