Химелсбрифе: писмата-амајлии пристигнати директно од небесата

Повеќе од илјада години, луѓето користеле писма наводно напишани лично од Исус, и како докази за неговото постоење и како заштитни амајлии. Најголема моќ имале оригиналите, но се важеле и преписи кои се ширеле како денешните препраќани мејлови. 

Музејот на етнографија во Будимпешта во својата колекција чува парче хартија откриено во новчаник пронајден на градските улици во 1970-тите. Изгужвано, рачно испишано и полно со коректорски грешки, писмото претставува непрекинат синџир на историја која се протега најмалку до шестиот век, а веројатно и претходно. 

Станува збор за „небесно писмо“ или Химелсбриф (Himmelsbrief), за кое се верувало дека е напишано од самиот Исус, пуштено долу на Земјата. Тоа како артефакт се појавува насекаде кадешто има христијани, од Етиопија до Исланд, во тек на повеќе од илјада години човечка историја и може да се смета за ран но екстремно долговечен предок на она што денес го знаеме како „синџирест мејл“.

Некои од писмата биле полуксузни, испишани со златни букви, а други наводно со Исусовата крв. Во една верзија на приказната, додека ангелите носеле вакво писмо кон Рим, се случил силен земјотрес по што гробот на св. Петар се отворил а Папата, кој бил среде миса, го здогледал чудесното писмо на олтарот. Други велат дека вакво писмо слетало во Ерусалим, Витлеем и на други места, а имињата на папите, кралевите и кралиците кои се спомнувале во текстот се менувале со текот на времето.

Секако, не сите верувале во нивната веродостојност. Карло Велики, на пример, наредил сите примероци од вакви „преписки“ да бидат запалени. Всушност, историјата на писмата може да се следи токму преку официјалните оградувања и отфрлувања на истите. 

Но што пишувало во нив? Текстот варира, но една вообичаена верзија се нарекува „Неделно писмо“ бидејќи им наредува на читателите денот недела да биде ослободен од работа и се заканува со тешки казни за оние кои нема да го почитуваат ова. На пример, постои копија која кружела низ Ирска во која Исус предупредува дека секој оној кој јава коњ во недела ќе биде казнет со тоа што коњот ќе се претвори во оган меѓу нивните нозе. 

Од друга страна, секој оној кој ќе ги следи инструкциите ќе биде награден и на Земјата и на небото. Во класичен стил на писма во синџир, тоа им нудело благослови на оние кои ќе го копираат и ќе ја прошират пораката.

Со време ваквите писма станале и амајлии. Се важело и ако не се поседува оригиналот туку преписот, а заштитата се однесувала не само на физички повреди туку и на лажни обвинувања и неправедни казни. Амајлијата била носена на себе или се закачувала крај прагот. Некои ги користеле и како помош при пораѓање, врзани за женските тела како облик на магиска заштита. 

Најсвежа информација за користење на вакво писмо е од 1941, кратко време пред САД да влезе во Втората светска војна, кога еден локален весник објавил копија. Идните војници можеле да го исечат од весникот и да го носат со себе како гаранција дека ќе се вратат живи од фронтот, слично како што денес би функционирало симнување на истото на телефон.

извор

2 декември 2023 - 09:44