На преминот од 19 во 20 век од денешен аспект лажните, но храбри тврдења не биле необични. Фармакологијата ветувала дека кокаинот може да реши секакви тегоби, од бебешки плач до болки во р’бет; корн флејкс-от се сметал за лек за мастурбација. Се уште немало некакви регулаторни тела кои би ги проверувале и евентуално спречувале ваквите тврдења. Па така не било необично и што се јавил некој којшто велел дека од вода може да направи бензин.
Луис Енрихт, како што се викал човекот, имал тајна. „Додека некој не ми даде фер награда и не ми вети дека истото ќе биде од јавна корист, ќе си ги чувам правата на мојот изум дури и да морам да го употребам ова!“, велел тој, божемски посегнувајќи по пиштол на колкот.
Тој можеби имал добра причина да биде параноичен. Она што го ветувал било транспортна револуција - мистериозна зелена течност која можела да ја трансформира обичната вода во „воден бензин“, алтернатива за гориво за автомобили кои во тоа време (1916) почнале да стануваат популарни.
Доколку се покажело дека е во право, тој можел да стане најславната личност на 20 век. Ако се покажело спротивното, можел да биде прогонуван како еден од најголемите измамници на истиот тој век.
Енрихт очигледно морал да го демонстрира она што го тврдел. Пред собраните медиуми, човекот - кој бил роден во Германија а живеел на Лонг Ајленд - најпрвин ги натерал новинарите да сркнат обична вода. Потоа во неа фрлил капсула која содржела зелена течност. Таа мешавина потоа ја ставил во празен автомобилски резервоар. Кога го запалил моторот, автомобилот почнал да се движи.
Некој новинар од Чикаго Хералд дури се напил и од горивото - изјавил дека има вкус и мирис на горчлив бадем, но дека немало ништо сомнително во врска со него. Енрихт ја провозил колата, и ветил дека со ваквата течност горивото ќе чини само 1 цент по галон (3,7 литри).
Многумина му поверувале, и не само тоа, туку вложиле и милиони во неговата идеја. Дури и автомобилскиот гигант Хенри Форд влегол во преговори со Енрихт за добивање на неговата формула, но набргу се откажал.
Можеби Форд го сфатил истото она што му станало јасно на Милер Рис Хатчинсон, инженер кој работел со Томас Едисон и кој бил сведок на една од демонстраците на Енрихт. Во својата лабораторија, Хатчинсон помешал вода, ацетилен и ацетон и потоа го ставил тоа во истото возило кое го користел Енрихт за своите демонстрации. Колата почнала да работи. Водата всушност помагала во горење на ацетонот.
„Тоа е како човек да земе пепел од печката и да го засити со масло“, рекол Хачинсон. „Секако дека супстанцата ќе гори, но потоа пепелта повторно ќе стане пепел, освен ако не доставате масло“. Истовремено, проблемот е што вода, ацетилен и ацетон или каква и да е мешавина од овој вид го кородира моторот. Целата приказна не била ништо повеќе од илузија.
И ова не била единствената измама на Енрихт. Додека живеел во Чикаго на преминот од 19 во 20 век, тој бил замешан во продавање безвредни обврзници за земја за 500 долари. Собрал над 50.000 долари пред властите да го фатат. По ова со „бензинот“ не му дошло памет, па во 1924 тој дошол до ново „откритие“, специјален серум кој лечи зависност од дрога. Кој знае, можеби тоа била истата течност што ги палела моторите...