„Кралот Артур е легендарен британски лидер“. Ова е првата реченица од повеќето биографии на лик кој е повеќе фолклорен и книжевен, отколку историски. Митологијата која го опкружува и до сега беше тема на голем број филмови. Oвој се однесува на неговиот внук, Гавејн, член на елитната Тркалезна маса на витези. Во еп од доцниот 14 век од непознат автор е содржана една од најпознатите „артуријански“ нарации, за предизвикот кој тој го прифаќа од мистериозниот „Зелен витез“. Овој се појавува на прослава на Божик во кралската палата и им нуди на присутните да го нападнат со неговата секира, но под услов за една година да се појават во неговото засолниште, и да прифатат тој да им го возврати ударот. Гавејн го обезглавува, но витезот си станува, смеејќи се си ја собира главата и си заминува. Една година бргу проаѓа, и Гавејн, кој во меѓувреме кисне по кафани и не е баш дека работи на сопствената подготвеност, треба да си го исполни ветувањето.
Од тука натаму филмската верзија на епот станува вистински фантазмагорична, како Гавејн да е на тешки дроги. По патот среќава стереотипни митолошки ликови (крадец, принцеза, животно што зборува) и минува низ морничави пејзажи обоени во темно-смарагдни тонови, покриени со тенка белузлава мрена, што асоцира и на опасноста, и на осаменоста на потфатот. Состојбата на неговиот дух може единствено да се опише како збунетост, конфликт помеѓу желбата да се биде достоен на храбриот чин, но и недостаток на самодоверба дека таквата достојност е постигната. Постојано заштитуван од мајка си, и навикнат на раскалашен живот, тој до овој момент немал прилика да созрее, па токму овој потфат станува неговиот „обред на премин“ - од момче во маж, од (само) внук на кралот во прв помеѓу еднаквите негови витези.
Филмот може да се гледа како „обична“ фантазија-авантура, но тогаш тоа би бил навистина здодевен и збунувачки филм. Тој има многу подлабок потенцијал, да биде посластица за книжевните толкувачи, етнолозите и психијатрите. Архетипот на херојот тука е релативизиран, но не и поништен. Тој е само хуманизиран, до степен во кој сме внесени, повеќе низ атмосфера и мимики отколку низ зборови, во неговата ровка природа. „Зелениот витез е некој што го познаваш“, му велат во една сцена. Всушност, Зелениот витез е самиот тој - човекот (мажот) со којшто треба да се соочи за да стане поголем човек.
Освен овој херојски елемент, кој е насочен навнатре а не како вообичаено нанадвор, голема врска со целата приказна има религијата. Англија во времето за коешто станува збор е христијанизирана, но се уште се живи паганските обичаи и верувања. Преминот е личен, на ниво на поединец, но и на една цела епоха. Во која на прослави на Божик уште долго ќе се појавуваат зелени витези и други страшни суштества, кои ќе го препречуваат патот на оној кој сака да стане Човек. Дури кога ќе се помири со својата смрт, тој ќе може да каже дека ја постигнал целта - се родил.
Илина, Букбокс