Во 1925 Ном во Аљаска, иако бил далеку од најславните денови од „златната треска“, кога броел 20.000 жители, сепак претставувал најголемиот град во северна Аљаска, со 455 домородни жители и 975 доселеници со европско потекло. Од ноември до јули пристаништето на Беринговото море било замрзнато и непристапно за парните бродови. Единствената врска со остатокот од светот била патеката Идитарод, долга 1510 километри, од пристаниште на југ, преку неколку планински гребени и огромниот копнен дел на Аљаска, до Ном. Доставата на пошта се уште се вршела со кучешки санки, а дури по една деценија тоа ќе почне да се прави со авиончиња.
Единствениот доктор во Ном, Куртис Велч, пред зимата 1924-25 сфатил дека резервите на серум за дифтерија се потрошиле и нарачал да му бидат донесени нови. Но пратката не пристигнала пред затворањето на пристаништето, и целата работа се одложила за на пролет. Но во меѓувреме населението - особено малите деца - почнале да се разболуваат и да умираат. Велч испратил телеграма до околните градови. На итен состанок на градскиот совет било одлучено да се испратат две санки со кучиња, од која едната би тргнала од Ненана до каде серумот би бил донесен со воз (види мапа), другата од Ном, и двете би се сретнале на сред пат. Но средината на патот во зима била оддалечена дури 30 дена, рекордот бил 9, а докторот пресметал дека серумот под бруталните услови на патот би издржал само шест денови.
Како штафетоносец од Ном бил одбран Норвежанецот Леонард Сепала, кој требало да помине 1014 километри до и од Нулато. Тој бил носител на рекордот за најбрзо поминување на истата патека, три пати бил победник на големата трка со кучиња низ Аљаска која традиционално се одржувала во април, и веќе бил легенда поради својата издржливост и своето легло сибирски хаски. Неговото куче-водич, тогаш 12-годишниот Того, билo еднакво познатo по својата интелигенција и способност да почувствува опасност.
Во 1995 Дизни филмски ја овековечи оваа приказна, но во филм со поинакво име - „Балто“, според истоименото куче кое од 1925 наваму е славено како херој на серумската трка и кое дури има добиено и статуа во њујоршкиот Централ парк. Но нов филм на исто така новата платформа Дизни плус, ја исправа историската грешка - Балто навистина водел кучешка екипа која истрчала 48 километри низ ледениот пекол на Аљаска. Но возрасниот Того на Сепала издржал цели - 400.
Филмот, во кој главна улога ја толкува Вилијем Дефо, се базира на горенаведените историски податоци, со вметнати парчиња за кучешкото детство на Того, за кого било прашање дали воопшто ќе преживее по раѓањето. Но неговиот тврдоглав дух (како мал избегал од куќата каде бил даден кршејќи прозорец), и огромна лојалност, сега го прават најголемиот четвороножен херој во историјата.
Сепак, таа иста историја вели дека целата акција била резултат на тимска координираност, храброст и упорност. Во „штафетата“ на крајот учествувале повеќе од 20 санковозачи и 100 кучиња го пренесувале серумот од железничката станица близу Фербанкс, долж реката Јукон и Беринговото море, на температура до минус 50 степени. Сцените во филмот се кинематографски импресивни, иако на моменти претерано „шминкани“. Но тој пренесува убава порака, и за човечко-кучешката соработка, но за соработката помеѓу луѓето, која се прашуваме дали денес, во време кога серумот би можел веројатно да се донесе и со дронови, би функционирала толку добро колку во таа, 1925 година.