Широк план на црква. Човек со црно комбе нервозно шета наваму-натаму, па со рутинско движење го отвара гепекот. Cut. Врз позадина на надгробни камења фатена на гранките, како во онаа антологиската од „Американска убавина“, се лелее пластична ќеса. Точно она што ќе остане зад нас, откако (нели се договоривме!), сите ќе умреме.
Зоран Сичев-Сиче е навидум обичен штипјанец. Она што го прави специфичен е неговата професија - сопственик на погребално претпријатие. „Сопственик“ звучи претенциозно, затоа што она што го прави Сиче е всушност сè - од чекање на паркингот на штипската болница како фаустовски таксист за умрени, преку дизајнирање некролози, ковање (и понекогаш грешење) на датуми на раѓање и смрт на дрвените крстови, одговарање на мобилниот во секое време и aдминистратор на социјални мрежи. „Која категорија да ја избереме?“, вели тој додека отвара Фејсбук профил на фирмата. „Ексурзии и разгледување, а?“, се кине од смеење, за на крај да се одлучи за „црква и религија“. Смисолот за хумор му е - некако логично - црн, но не и морбиден. Напротив, неговото мото „Ваше е да умрете, останатото е наше“, звучи како многу базична премиса за она со што се занимава. Односно за она од што - живее.
Траги-комичноста на ситуациите содржани во овој за наш вкус и мерак прекраток филм од само 25 минути е толку густа што едно време веќе престанувате да се смеете, ама останувате озарени до крајот. Она што пленува е фактот дека во светот на мртвите е толку спокојно и лежерно во однос на она што се случува помеѓу живите, што човек просто да им позавиди на првите. Фактот што во Штип има дури три погребални претпријатија за население кое не може да го постигне посакуваниот „бенчмарк“ на умирање за сите три да можат да опстанат, создава хаос - корупција, задкулисни игри („ѓоа во дворец живееме“), дури и тепачки. За нешто од сето ова низ годините дознававме по медиумите, но инсајдерската приказна е далеку посочна и по...жива.
Сепак, колку и Сиче да изгледа отрпнат, и тој е душа напатена. Работата со мртовци, како што врват годините, го зема својот данок. Одеднаш една друга изрека станува поактуелна од онаа спомнатата. „Уметноста е долга, животот краток“ е неговата нова водилка, во моментот кога решава дека му е доста. Додуша не толку од мртвите. Туку од живите кои се занимаваат со нив.
Филм на ваква тема и со ваков дух можела да направи само екипа која го има истиот пристап кон животот и смртта како и Сиче. Нив, режисерот Сашко Потер Мицевски, продуцентот Илија Тирицовски и дел од останатата екипа, ќе можете да ги сретнете на проекцијата утре (недела, 23.8) во 21 часот во паркот позади МКЦ. Или филмот да го погледнете со купување билет за онлајн проекција. Не ја пропуштајте приликата, затоа што и покрај ветувањето во насловот, можеби па тоа не важи баш-баш за сите.
Илина, Букбокс
Бонус: Подарокот кој ни стигна, етнолошки издржан