Крег Фостер е автор на документарни филмови, кој во момент на средовечна криза и преработеност одлучува да му се посвети на хобито кое го имал заборавено од дете - гњурење без опрема за дишење во водите на крај брегот на Кејп Таун во Јужна Африка.
Еден ден наидува на нешто што изгледа како куп школки на дното на океанот. Излегува дека тоа е октопод кој на овој начин се камуфлира кога на него ќе наидат предатори. Тогаш помеѓу Крег и октоподот-женка почнува необично пријателство. Тој ја посетува секој ден во тек на долг период, наводно една цела година, колку што отприлика и изнесува животниот век на овие мекотели. Се разбира доколку во меѓувреме не бидат уловени од луѓе или изедени од други морски животни.
Крајбрежните и подморските сцени се навистина визуелно фасцинантни. Исто толку фасцинантни се описите на самиот октопод/ка, која иако најпрвин е многу внимателна, подоцна, како во сцена од создавањето на Адам на Микаланџело, се одважува да му подаде едно од пипалата, да му се замота околу раката или да му се залепи на градите и да се гали.
За оние кои со задоволство јаделе октопод на скара но никогаш не се запрашале за начинот на живот на ова суштество, филмот е многу информативен - интелигенцијата на октоподите е неверојатна, особено начините на кои тие лукаво се бранат. Во филмот „нашиот“ октопод, на пример, се спасува од напад на пижама-ајкула со тоа што ѝ се качува на грбот, па таа не може да ја касне. Креативни се и во мимикријата, менувањето на бои и покривањето со алги или школки за да не бидат видливи за непријателот. Во случајов очигледно и доволно умни да препознаат кога други суштества сакаат да им бидат пријатели и не мислат да ги повредат.
Всушност голем дел од снимките се направени за серијата Блу планет 2 на Би-би-си. Октоподот во „оклопот од школки“ е од епизодата „Зелени мориња“, во која Дејвид Атенборо коментира дека станува збор за необичен начин на криење. Фостер соработувал на снимањето со својот пријател, камерманот Роџер Хорокс, кој е наведен како втор директор на фотографија на „Мојот учител-октопод“. Но во филмот не се спомнува дека снимките се правени за друг документарец, а истовремено, и покрај тоа што се ангажирани три експерти-советници (меѓу кои и „психолог за октоподи“ од Канада), Фостер се фокусира на сопствената емоционална приказна, а не на науката.
Ова на почетокот звучи фино, но по некое време преминува во патетично. На пример кога ајкула му одгризува нога на октоподот и овој некое време живее како мекотелен инвалид (додека не му порасне нова), авторот изјавува дека „нивните животи се идентични, како во огледало“, идентификувајќи ги сопствените психолошки проблеми со сиротиот октопод. Тој е толку опседнат со следењето на својата пријателка што на моменти делува како „сталкер“, заљубен во девојка која ете, случајно живее на дното на океан и има осум нозе. Не е ни чудно што на социјалните мрежи, кои додуша знаат да доведат до апсурд и многу посериозни нешта, филмот е опишан како „малку хорни“ и како „приказна за дечко кој стварно, ама стварно сака еден главоног“.
Meѓу нив беше и феминистичката авторка Софи Луис, која на својот Твитер профил напиша: „Го гледав филмот на Нетфликс: иако полн грешки, ова е сепак трогателен документарец за хетеросексуален маж кој доживува еротска врска со женски октопод“, признавајќи дека плачела.
Well, I watched "My Octopus Teacher" on netflix: a flawed but moving documentary about a straight man who has a lifechanging erotic relationship with a female octopus. I cried, then read out loud to my friends the entirety of @amiasrinivasan's 2017 essay (https://t.co/ILun9KMlxz) pic.twitter.com/Azefm8xJjU
— Sophie Lewis (@reproutopia) September 20, 2020
Иако нејзиниот твит ја немаше таа намера, наскоро идејата дека ова би можело да биде филм за необичен фетиш се рашири како „дамски фустан“ (начин на кој во филмот е опишано пливањето на октоподот). И да речеме дека ова е претерување. Но по гледањето на филмот остануваат мали прашалници. Како бре се погоди човеков, без опрема за дишење, да биде присутен со вклучена камера во клучните мигови на краткиот живот на октоподот, ама баш кога е нападнат, ама баш кога е оплодуван? Да не се случајно повеќе октоподи кои повремено ја играат улогата на главниот?
Како и да е, приказната, ако не се сфати екстремно документаристички и онака твитерџиски цинично, навистина е фина. Човекот си ја наоѓа смислата во океанските длабочини, каде успева да се разбере барем со едно живо суштество. Па, кој ти дава?
Илина, Букбокс