Последниов месец во серија изгледавме неколку филмови чии главни ликови се жени, кои поради низа околности се принудени да излезат на крај со својата осаменост и изолираност, и буквално или метафорично да си го најдат патот. „Лилијан“, за руска емигрантка која одлучува да испешачи од Њујорк до татковината, „Номадленд“ за средовечна „номадка“ која по големата американска рецесија останува без дом и живее во комбе, како и „Ѕидот“, драма базирана на истоимената книга од 1963 на Марлен Хаухофер, за жена изолирана во куќичка на австриските Алпи. Иако не станува збор за филмови кои биле препорачани од алгоритам („оние кои го гледале овој филм го бендисале и овој..“), понекогаш внатрешниот алгоритам е оној кој води од книга до книга, и од филм до филм.
Сите три заслужуваат посебни осврти, а „Номадленд“ се очекува оваа година да собере и голем број признанија (особено за главна женска улога). Но се фокусираме на „Ѕидот“ поради тоа што е најмалку познат, и од моментот на неговото појавување во 2012 недоволно медиумски покриен.
Насловот на филмот е единствената најава за она што се случува во него. Да, има ѕид, но тој е невидлив, во форма на проѕирно „ѕвоно“ околу главниот лик и изолираната куќичка во австриските Алпи каде таа доаѓа на одмор со двајца пријатели. Тие уште во првите минути од филмот заминуваат до блиското село, а кога неименуваната жена станува следното утро сфаќа не само дека е сама со нивното куче, туку и дека на патот кон најблиската населба се појавила препрека низ која може да гледа, но не и да помине. Светот од онаа страна изгледа како да доживеал некаква катастрофа - оставен автомобил на патот и луѓе „замрзнати“ во своите секојдневни активности.
Жената поминува низ неколкуте фази на очајот - одрекување („не, нема ѕид“, удирајќи во него со колата), лутина, депресија, но потоа физичко и ментално консолидирање и прифаќање на ситуацијата. До тој степен што долго време ние и не знаеме да ѕидот се уште стои на своето место - таа почнува да живее како тој да е несомнен факт, кој никогаш веќе нема да може да биде отстранет.
Раскажувањето на деталите би го уништиле доживувањето кое го носи овој филм со прекрасните сцени како излезени од фламанската сликарска школа и живописните алпски пејзажи. Тие ги следат годишните времиња чие менување подразбира и прилагодување на оние во него на неговиот ритам и закономерности. Единствен начин за човекот да опстане е да стане интегрален дел од него, преземајќи на себе и карактеристики кои претходно можеби ги презирал и осудувал. Истовремено, да формира сојузништва со она и со оние околу него, без оглед дали станува збор за крави, мачки, кучиња или бели чавки, кои се ретки во тој мал универзум, исто како што се ретки и луѓето.
Филмот поставува повеќе прашања отколку што на нив нуди одговори. Дали ова е можеби метафора на женската криза на средни години кога настапува период на преиспитување на смислата на социјалните односи и воопшто на постоењето? Дали има врска тоа што жената никогаш не спомнува како живеела претходно, ниту дали имала семејство и деца? Дали е женска робинкрусовска варијанта на преживување на пуст остров, или камиевска алузија на отуѓувањето воопшто? Секој ќе си го сфати филмот согласно сопствената ситуација. Некому бесконечните внатрешни монолози и бавното темпо ќе му бидат досадни. На други целиот филм ќе им се види некако...познат.
Целиот е поставен на јутјуб тука
Илина, Букбокс