Две вечери, два пара и eдно незгодно: „Луѓето од горниот кат“ (2020) и „Поканата“ (2026)

Два филма, една вечера и два сосема различни погледи на љубовта, бракот и сексуалноста. Што се случува кога четворица соседи ќе престанат да бидат пристојни? Токму врз оваа навидум едноставна премиса се базираат два филма - оригиналниот шпански и неговата нова, американска преработка. Со сите свои културолошки нијанси, тие (и другите верзии на истиот текст) сепак зборуваат за универзални нешта, препознатливи во сите контексти.

Понекогаш за да се направи филм за љубовта, бракот, сексуалноста и незадоволството во една врска не се потребни ни големи пресврти, ни спектакуларни локации. Доволни се четворица луѓе, една вечера и разговор кој постепено ја отстранува учтивата фасада.

Токму врз оваа едноставна поставка се темели шпанскиот филм „Луѓето од горниот кат“ од 2020 година, на Сеск Гај, и неговата американска преработка „Поканата“ од 2026 година, во режија на Оливија Вајлд. Како и други камерни филмови од сличен калибар (види Букбокс осврт за „Совршени странци“) и овој е податен за различни верзии, па постојат француска, швајцарска, јужнокорејска и италијанска кои за жал не се толку лесно достапни.

Во шпанскиот оригинал, Хулио и Ана се брачен пар чија врска очигледно се наоѓа во криза. Тие постојано се расправаат, а нивниот секојдневен живот одамна ја изгубил блискоста што некогаш веројатно ја имал. Над нив живеат Салва и Лаура, пар кој не се срами од својата сексуалност и чии гласни љубовни средби редовно ги вознемируваат соседите. Ана, наводно поради добрососедски односи, ги кани на вечера. Но многу брзо станува јасно дека вистинската тема на вечерта ќе биде нивниот брак. Филмот е адаптација на истоимената театарска пиеса на Гај, што се чувствува во начинот на кој приказната речиси театарски се развива преку разговори, погледи, премолчувања и постепено откривање на тајни. 

Во американската „Покана“ (The Invite), приказната е преселена од Барселона во Сан Франциско, град со сосема поинаква културна асоцијација кога станува збор за слободата, сексуалноста и неконвенционалните начини на живеење. Оливија Вајлд ја игра Анџела, а Сет Роген нејзиниот сопруг Џо. Над нив живеат Пина и Хок, кои ги играат Пенелопе Круз и Едвард Нортон. И тука вечерата започнува како навидум цивилизирана средба меѓу соседи, но постепено се претвора во вечер во која сите четворица се принудени да се соочат со сопствените незадоволства, желби и претстави за тоа како треба да изгледа една врска. 

Најголемата разлика меѓу двата филма можеби е во темпераментот. Шпанскиот оригинал е покaмерен, поинтимен и посув. Неговиот хумор произлегува пред сè од непријатноста на ситуацијата и од тоа колку луѓето можат да бидат сурово искрени кога еднаш ќе престанат да се обидуваат да бидат пристојни. Актерите играат без премногу нагласување, па под шегите постојано се чувствува нешто посериозно: замор од партнерот, страв од осаменост, сексуална фрустрација.

„Поканата“ е побучна, побрза и поамерикански комична. Сет Роген внесува препознатлив вид нервозен, самоироничен хумор, додека Оливија Вајлд како Анџела има поизразена ранливост и фрустрација. Пенелопе Круз и Едвард Нортон, пак, се намерно поекстремни како Пина и Хок. Нивниот начин на живот, слободата со која зборуваат за сексот и нивното отсуство на срам се контрапункт на конвенционалниот брак на Џо и Анџела. Токму судирот меѓу овие четири различни погледи на љубовта ја движи комедијата и на моменти сензуалната атмосфера. Во искушение сме за спојлери, ама ќе ви го „нацртаме“ само ова - музика на Шаде и Пенелоп како денса.

И режисерскиот пристап е различен. Сеск Гај се потпира врз театарската природа на приказната и ја остава силата главно во дијалогот. Оливија Вајлд ја задржува камерната поставка, но ѝ додава поголема визуелна динамика и понагласен комичен ритам. Филмот е снимен на филмска лента од 35 милиметри, а музиката ја потпишува Дев Хајнс, што придонесува за неговиот современ, но истовремено малку ретро изглед. 

Посебно интересна е разликата во актерската хемија. Хавиер Камара и Гриселда Сичилијано во шпанскиот филм создаваат брачна двојка кај која чувството на истрошеност е многу силно. Алберто Сан Хуан и Белен Куеста се нивна спротивност: нивните ликови се послободни, но токму затоа понекогаш делуваат и провокативно. Филмот никогаш не пресудува кој од двата пара е „во право“. Наместо тоа, покажува дека и конвенционалниот и неконвенционалниот начин на живеење имаат свои слабости.

Во „Поканата“ контрастот е уште понагласен благодарение на актерите. Роген е комичен на начин кој лесно може да стане карикатурален, но Вајлд го балансира со посериозна емотивна линија. Круз и Нортон, пак, имаат доволно ѕвездена харизма за нивните ликови да бидат истовремено привлечни и иритантни. 

На крајот, двата филма ја користат истата едноставна ситуација за да постават прилично непријатно прашање: дали навистина го сакаме животот што сме го избрале, или само сме се навикнале на него?

Илина, Букбокс

28 август 2026 - 12:26