Во 1963, пет години откако патувал во северниот регон на Орегонските дини, Френк Херберт ја пишува „Дина“, приказна за религија, политика, филозофија и - како што ќе се заклучи многу подоцна - екологија. Откако објавил серијал од три дела во списанието „Аналог“, го понудил романот на печатење и бил одбиван дваесет пати. На крај книгата се појавила во издание на Чилтон Букс, компанија која не издавала белетристика туку прирачници за поправање коли. И покрај сè, таа ја добила наградата Небула за најдобра книга при нејзиното прво доделување во 1965 и наградата Хуго во 1966. Од тогаш е преведена на 14 јазици и е продадена во над 12 милиони примероци, уживајќи статус на научно-фантастичен класик.
Наративниот, идеолошкиот и просто вербалниот багаж на книгата (188,000 зборови) од неа прават дело кое е тешко да се екранизира. Оттаму и големите очекувања од најновиот на Денис Вилнев, по никогаш завршениот на Ходоровски и не многу фалениот на Дејвид Линч (иако нам драг бидејќи во него играше Стинг). Тој се однесува на половина од оригиналната книга, и означен како „прв дел“ остава очигледен простор за најмалку едно продолжение. Лоциран во годината 10191, започнува со наредба на императорот Шадам IV, водач на царство кое контролира голем број колонизирани планети, семејството на војводата Лето Атреид и неговата војска да ја напуштат својата планета Каладан, и да заминат на Аракис, сурова пустина која од страна на домородците, некогашните робови Фремените, е нарекувана Дина. Аракис е место кадешто човек не може да издржи долго време без посебна опрема која ги претвора човечките пот и солзи во вода. Но таа е извор на „меланж“, редок и скап црвеникав зачин кој не само што е еликсир на младоста, туку е и моќен халуциноген, кој ја предизвикува неонско сината боја на очите на Фремените.
Пред премиерата на филмот на овогодинешниот Венецијански филмски фестивал на официјалниот Твитер профил на филмот беше поставен предизвик - „Објасни ја Дина во една реченица“. Илјадници фанови на романот на Херберт одговорија, обидувајќи се да ја „зипуваат“ сагата во неколку зборови. „Епска приказна за едно семејство“, „Херојско патешествие во далечната иднина со психоделични дроги и нинџа-монахињи со нездрав интерес за генетско инженерство“, „Вселенски црви сакаат да се забавуваат но глупите луѓе им пречат“, беа некои од нив - сите неуспешни. Поентата беше јасна, дека „Дина“ не е баш најлесната книга за објаснување на „неиницираните“. За следење на филмот не е потребно да сте ја читале. Сепак, со оглед на комплексноста на универзумот којшто го опишува, корисно е да се знаат барем неколку основни термини и концепти кои филмот ги користи како дадени, без да ги објаснува.
Еден од нив е „Бен Џезерит“ - група обучени жени, најопасните и најинтелигентните во универзумот, кои умеат да ги хипнотизираат непријателите издавајќи им наредби со променет глас, да активираат телесни процеси за да преживеат труење или да бидат во дослух со спомените на претходни генерации од сестринството за да учат од нивните грешки. „Квисац Хадерах“ е месијата кој е „одгледуван“ од страна на Бен Џезерит, во смисла на процес на генетско вкрстување кое трае со милениуми, чија цел е создавање на Спасителот. Баронот Владимир Харконен е името на најголемиот непријател на Атреидите, суштество од над тристотини килограми кое на моменти левитира со помош на посебни „суспензери“. Шаи-хулуд се песочните црви на Аракис, кои се активираат при ритмични и повторливи звуци уништувајќи сè пред себе. И уште најмалку десетина вакви имиња и концепти.
Централниот лик, Пол Атреид (Тимоти Шаламет), е син на војводата Лето (Оскар Ајзак) и неговата конкубина Џесика (Ребека Фергусон), која е обучена во традицијата на Бен Џезерит и истата ја пренесува на својот син, иако во принцип тајното знаење е забрането за мажи. Сепак, неговите таленти, меѓу кои и видовитоста, ја оправдуваат оваа постапка, особено по пристигнувањето на Аракис, каде домородното население во него го гледа спомнатиот Спасител. Неговите способности ќе дојдат до израз особено кога ќе стане јасно дека наредбата да се преселат на Аракис за Артеидите била стапица. И тука некаде, по првиот голем судир со здружените непријателски сили, филмот завршува.
Преточувањето на повеќеслојно книжевно дело во филм е однапред осудено да биде инфериорно, но не поради потенцијалната неспособност на сценаристите, недоволните буџети или лошиот ден на оној што го дизајнирал црвот (или кој и да е друг компјутерски генериран лик). Причината е следна: кога се чита за магиски зачини, вселенски Спасители, моќно сестринство и планета во која владее вечна суша, човек многу полесно е вовлечен во симболичките, метафоричките и идеолошките компоненти на дело кое е и пишувано за да биде такво - не „пињау-пињау“ акција на луѓе во чудни костуми, туку како мисловен антрополошки експеримент во кој познати човечки концепти се врамени во непознати и екстремни околности. Непознатото произлегува од самиот факт на идност, па колку што е таа пооддалечена, толку и експериментот е поризичен. Екстремноста пак е врзана за замислените радикални промени во животната околина на тој ист човек, кој и покрај напредокот на технологијата и сопствената генетска еволуција, на страниците на книгата, а и на големиот екран, сепак не делува многу различен од нас. Тој можеби има посебна алка која активира штит на неповредливост во физички битки, но неговите емоционални и ментални предизвици се сосема исти - како да се преживее во суров свет, во кој е тешко да се дише, но во кој е уште потешко да се има доверба, пријатели и безбедно семејство.
Филмот на Вилнев, со самото тоа што е скап, комерцијален филмски производ, не може да си дозволи премногу да се занимава со идеи, без да ни ги прикаже низ нивни конкретизации - настани, дејства, предмети. Дали е воопшто можна „Дина“ (или која и да е друга ес-еф сага) режирана од, на пример, Бела Тар или Аки Каурисмаки? Подготвени ли сме тоа да бидат два и кусур часа во кои ќе гледаме црволико чудовиште во бавен кас низ пустината, или како пијан дебел барон лежи на улица во вселенска провинција додека врз него паѓаат ситни снегулки (во случајов од песок)? Оној кој се интересира за феминистичките, еколошките, религиските и политичките аспекти на „Дина“ треба да ја чита. Оној кој сака забава каква што нуди еден современ филмски производ, oд кого се очекува и дека (дебело) ќе се продаде, нека го гледа филмот. По можност во кино.
Илина, Букбокс