1923. Фиктивниот остров Инишерин (можеби токму овој) е населен од шака луѓе, кои сосе домашните животни ги запознаваме уште во првите неколку сцени. Стеснетоста на социјалната средина е во остар контраст со широкиот кадар на пејзажот и оддалеченоста на соседите, меѓусебно и од локалната крчма. Тоа е централната „институција“ чија локација ни служи за ментално исцртување на островот, како тукушто да сме пристигнале со едреникот на локалното пристаниште, единственото место на него каде владее некаква растрчаност и се чувствува здивот на она што се случува „надвор“. А таму, на хоризонтот, оддекнуваат истрели од пресметката на Ирците во Граѓанската војна, помеѓу приврзаниците на привремената влада на Ирска и членовите на ИРА, а во врска со англо-ирскиот договор, кој според вторите претставувал предавство на идеалите на претходната војна за независност.
Ваквата историска позадина е сепак толку дискретна што човек се присеќава на неа и ја зема предвид во толкувањето долго откако филмот ќе заврши. Затоа што микро-конфликтот кој се одвива на островот емоционално е толку интензивен и (да) тактилен, што точно и да има нуклеарна војна во остатокот од светот тоа би било неважно во споредба со маката на еден негов жител. Парик (Колин Фарел) е дефиниција на едноставен човек - за неговата среќа е доволно да има другар со кого ќе си го испие темното пиво, секој ден во 2 попладне. Токму во тоа време тој го собира Колм (Брендан Глисон) од дома, па заедно пешачат до локалниот паб каде се занимаваат, со што друго ако не со дрвење за едни те исти нешта.
Но еден ден Колм не се одзива на упорното чукање на вратата. Од куќата се слушаат звуци на класична музика - грамофон пуштен на гласно. Ентериерот е полн со инструменти и ракотворби, нешта што личат на кукли и театарски маски. Колм е дома, спокојно пуши пред каминот, но не отвара. Кога башка-башка ќе пристигнат во пабот, на очајниот Парик кој моли за објаснување што згрешил му одговара - ништо, просто не ми се обраќај.
Полека станува јасно дека тука не станува збор за некаква вообичаена причинско-последична врска која би го објаснила ваквото однесување, туку дека мотивите на Колм се пометафизички. Остарен, сам со едно куче, заглавен на остров во земја која е во војна, тој чувствува дека времето му тече низ прсти и дека не ги остварил високите цели кон кои треба да се стреми човек кој не е „едноставен“ и „фин“. „Знаеш на кого се сеќаваме затоа што бил фин од 17 век? На апсолутно никој. Но затоа сите се сеќаваме на музиката од тоа време. Буквално секој го знае името на Моцарт“ - му вели тој на другарот. „Еве јас не го знам“, нуди несоборлив доказ Парик за релативноста на историските величини. „Моцарт не е од 17 век“, пресекува неговата сестра Шиобан, поумната половина од семејството, која се обидува да изигрува медијатор во спорот, но често ги губи нервите.
Истото му се случува и на Колм, кој откако ги исцрпува сите други начини да го вразуми „простиот“ придружник и да се посвети на компонирањето и музицирањето со одбрано друштво, почнува да се заканува со радикални чекори - не да го повреди него, туку себеси. Од тука натаму нештата стануваат толку откачени што првичното неверување дека е можно човек да прибегне кон самоунакажување во име на (Пирова) победа се заменува со трагикомично чувство кога тоа се остварува. Кој е поголемиот суетен будала - овој што не може да се помири со откачувањето (па поради тоа до крајот на филмот ги губи и другите битни нешта) или овој „рафинираниот“ кој при крајот на животот се освестува дека тој му поминал во „бесцелно млатење празна слама“, за што, нели, мора да е крив некој друг. Злокобните предвидувања на бабата-наречница, која како да е излезена од македонскиот фолклор, се самоостваруваат. Исто како што се остваруваат сите злокобни предвидувања кога ќе започне каков и да е братоубиствен конфликт.
Ко-сценаристот и режисер Мартин МекДона („Во Бриж“, „Три билборди кај Ебинг, Мисури“), син на родители-Ирци, одлично го познава локалниот контекст, но и мрачните подруми на човечката душа. Креваме два прста да добие некоја од големите награди идната година.
PS. Првиот кадар кој (по малку збунувачки) ја вклучува песната „Полегнала е Тодора“ во изведба на хорот „Мистерија на бугарските гласови“. Објаснувањето на МекДона и на композиторот на филмот е дека не сакале да доминира „апла“ ирска музика, туку универзалноста на приказната да се нагласи и преку изборот на композициите.
Илина, Букбокс