Имало филмови во коишто главните ликови се поврзуваат преку посета на далечни земји, вински тури или долги патувања со воз. Но до сега немавме сретнато верзија во која тие со туристичка група посетуваат историски релевантни места поврзани со холокаустот на нивните предци. Притоа, комбинацијата „зејтин-вода“ на двајцата главни ликови - братучеди со сосема мала разлика во возраста - создава тензични, но и хумористични моменти, кои само навидум се контрадикторни со историската позадина на патувањето.
Џеси Ајзенберг (Дејвид) и Киран Калкин (Бенџи) во таа смисла се ептен погодени. Првиот е невротичен, обземен од „мисијата“ на повторното поврзување со братучедот и неговото извлекување од психичката криза, особено нагласена по смртта на бабата со којашто бил поврзан. Вториот пак е само навидум „хај-хуј“, но со наострени антени кои ги фаќаат сигналите на емоционалната состојба на сите од групата и без влакна на јазикот кога треба да се симне маската од нечија дволичност или преглумување.
И останатите патници, исто како и Дејвид и Бенџи, се тука за да пополнат некаква своја празнина или да се поврзат со минатото на своето семејство. Иако не ги дознаваме деталите на нивната ситуација, динамиката на групата раководена од висококвалификуван британски водич е одлична подлога за следење на најчесто спротивставените реакции на братучедите. Она што е притоа најинтересно, е што едниот како да сака да биде другиот. Ова особено важи за Дејвид, кој како да му завидува на Бенџи кога овој ќе ги освои симпатиите на групата поради неговата лежерност и топлина. Харизматичниот Бенџи пак веројатно би сакал да не живее во подрумот на родителите во провинциски град, а да има семејство и мало дете, како што има Дејвид.
Во оваа смисла Калкин е генијален - тој канализира лик со кој веројатно секој од нас се сретнал некогаш во животот, непредвидлив, нестабилен и по малку опасен, кој е сепак крајно шармантен и човечки. Ако до сега беше познат (само) по неговата улога на најмалиот брат во „Сксешн“, сега е време да му биде оддадено признание и за оваа улога, која и многу повеќе му „стои“.
Сепак, вистинскиот баланс го обезбедува Џеси Ајзенберг, кој е истовремено и сценарист и режисер на филмот. Тој успева да не биде ни патетичен кога е во прашање трауматичното минато, бремето на предците, посетата на концентрациони логори, но и да не се лизне во релативизирање на „секоја болка е иста“. Затоа што болката на некои луѓе е навистина поголема од онаа на другите и е реална.
Илина, Букбокс