Жозеф Болоњ (1745-1799) попознат по титулата Витез (Шевалие) на Св. Ѓорги, имал широк спектар таленти. Бил композитор, диригент, одличен мечувалец и војник. Сите овие вештини би му биле признаени и историски славени да не бил еден „детал“ - тој бил вонбрачен син на богат сопственик на плантажи во француската колонија Гвадалупе и робинка. На седумгодишна возраст бил донесен во Франција каде му било овозможено формално образование, особено напредувајќи во областа на музиката.
Во филмот на Стивен Вилијамс, „Шевалие“ (достапен на ХБО), Жозеф го запознаваме кога се обидува да се пробие во високите музички кругови на Париз, односно да стане директор на тамошната опера. Иако несомнено брилијантен и под заштита на царицата Марија Антоанета, која и му ја доделува витешката титула, со својот провокативен карактер и борба за правичност ги дразни љубоморните аристократи и помалку талентираните колеги. Не помага и тоа што одбива да легне со највлијателната оперска пејачка, а наместо тоа почнува тајна врска со друга, Мари-Жозефин, чиј маж е маркиз со кубура и војничко искуство под појасот.
Ако во првите сцени тој се натпреварува на сцената во импровизации на Виолинскиот концерт број 5 со Моцарт (и го победува), за директорското место треба пред комисија составена од музички „инфлуенсери“ од тоа време да покаже дека е подобар од својот германски колега, Кристоф Вилибалд Глук. По петиција против Шевалие, потпишана од повеќе негови колеги, царицата која и така е во немилост во предвечерјето на Француската револуција, одлучува во корист на Глук.
Оваа приказна се испреплетува со на моменти мелодраматичните љубовни сцени помеѓу него и Мари-Жозефин, чиј сопруг, откако таа се пораѓа со дете со темна боја на кожата, го убива новороденчето. Истовремено тече и приказната за постепеното зближување на Жозеф со мајка си, која успева да се ослободи и да дојде да живее со синот во Париз.
Филмот завршува со почетокот на револуцијата, кога Шевалие организира концерт за собирање средства за анти-ројалистите. И покрај заканите од царицата, тој го одржува без на себе да ја стави белата, опрашена перика. Успева да не биде уапсен, а потоа привремено заминува за Англија. Завршниот текст открива дека Наполеон во 1802 ја забранил неговата музика и повторно го воспоставил ропството. Тоа е и причината зошто долго време Жозеф Болоњ бил избришан од француската историја. Овој филм е дел од напорите неговото дело да биде повторно актуелизирано.
Илина, Букбокс