„Остров на милијардерите“ е наслов на нова норвешка серија на Нетфликс, во која реално нема некој посебно битен остров, ниту пак многу милијардери. Добро, има богати бизнисмени со водечки позиции во глобалната индустрија на производство на риба. И да, наоколу има многу вода. Сепак, многу посоодветен наслов би бил „Игра на лососи“ или „Сксешн со рибарски мрежи“.
Приказната е следна: две компании се борат за превласт не само на скандинавскиот, туку и на светскиот пазар на производство на лосос - Марлакс, во сопственост на семејството Ланге и Мејер Фјордбруг на конкурентните Мејерови. Уште од првите сцени е јасно дека доминантата Џули Ланге е морално „пофлексибилна“ и воинствена кога станува збор за остварувањето на целта. Притоа, таа е подготвена да ги лаже и манипулира дури и своите три деца и сопругот, а најпогодена притоа е најстарата ќерка која очекува висока позиција во фирмата, која никако да ја добие.
Заплетот во оваа смисла почнува кога умира битен акционер во Мејер Фјордбруг, а Марлакс во ова гледа одлична можност да го „лапне“ својот ривал. Има тука и индустриска шпионажа, и лобирање кај акционерите, и подмолни следења и фотографирања на заткулисните средби. Не помалку важен фактор се еколошките организации за заштита на водите и чувствата на рибите. Но во споредба со слични американски серии кои опишуваат внатресемејни тепачки за позиција и богатство, тука тактиките делуваат прилично провидно, дури и пародично. Не од рибја, туку од птичја перспектива, поентите се сепак истите: луѓето се способни да направат секакви нешта за пари, во критични ситуации на површината испливуваат нивните најдлабоки слабости и фрустрации, а најголемите душмани им се всушност најблиските.
Во културолошка смисла, фактот што серијата е сепак норвешка (европска) прави ваквите карактерни маани да се шармантни а не искривоколчени до степен на гадливост. Има и прилично јасна критика на „запад“-от, односно на другата страна на Атлантикот и холивудската испразност и расипаност. Приказната по шесте епизоди од првата сезона остава отворен простор за втора, трета...сè додека има риби во морето.
Илина, Букбокс