Макс Стин го запознаваме уште во стомакот на мајка му, низ видео снимките направени при крајот на нејзината бременост. Првите негови години тој изгледа како совршено здраво дете, со бујна руса коса и насмеано полничко лице. Но наскоро родителите забележуваат нешто необично - неговиот развој е побавен отколку оној на неговите врсници, а тој често губи координација, паѓа и тешко повторно станува.
Дијагнозата е Душен мускулна дистрофија (ДМД), што значи дека Матс до крајот на својот живот ќе биде врзан за количка и без можност да учествува во обичните нешта со кои се занимаваат неговите врсници.
Но за една активност нема ограничување - играње видео игри.
„Го напуштам овој свет и минувам голем дел од времето во далечна земја наречена Азерот“, пишува тој на својот блог. „Таму моите синџири се скршени и можам да бидам кој сакам“.
„Азерот“ им е многу добро познат термин на играчите на World of Warcraft (WoW) - огромен, магичен виртуелен свет полн со различни континенти, раси и фолклор. Во него играчите преземаат улогa (или и до десетици улоги) преку кои ја градат сопствената приказна, но и учествуваат во одвивањето на онаа колективната. Често виртуелните дружби се прелеваат во реалноста, па гејмерските заедници прават и офлајн средби, практично бришејќи ја границата помеѓу „оној“ и „овој“ свет.
Кога Матс почнува по цели денови да кисне онлајн како воинот Ибелин, во гејмерска заедница под име Старлајт, родителите се загрижени. Стандардните аргументи, упатени кон секој тинејџер (хендикепиран или не) се - ти треба социјализација, чист воздух, „вистинска“ комуникација“. За среќа, сфаќаат дека тоа многу му значи па не преземаат радикални чекори (како родителите на други играчи интервјуирани во филмот, кои им ги корнат компјутерските кабли од ѕид).
Сепак, дури ни тие не можат си дојдат на себе кога, откако ја објавуваат веста дека Матс починал на неговиот блог (веројатно намерно им го оставил пасвордот), почнуваат да добиваат пораки од различни земји и од куп непознати луѓе. Всушност, неговата смрт е само почеток на приказната, во која виртуелното и реалното се мешаат на начин кој прави повеќето од нас, кои го немаме искусено ваквиот флуиден јаз во контекст на видео игри, да почнеме да ги преиспитуваме сопствените дефиниции за тоа што е „виртуелно“ и „реално“, особено кога се во прашање човечките емоции и нешто што го нарекуваме „душа“.
Телото на Матс во играта е сè што не е во реалноста - мускулесто, способно за борба, стамено. Но неговата душа и тука се отсликува во, барем на почетокот, шармантното снебивање пред женските ликови, емпатичноста и способноста не само да сослуша туку и да понуди решение за нечии животни ситуации. Најтрогателна е приказната на мајка-гејмерка која навлегла во овој свет затоа што и нејзиниот аутист ја играл истата игра. Тој во обичниот живот не излегува од дома, две години не оди на училиште и одбива секаков телесен допир. Во играта, со посредство на Матс/Ибелин, тие успеваат да се поврзат, а тоа директно влијае и врз нивниот „цивилен“ живот - момчето почнува да оди на школо и веќе не се плаши од прегратките на мајка си.
Во овој свет Матс доживува и љубов, кон девојка од Холандија, која прва почнува да флертува со него во играта. Јасно е дека ќе има момент кога тој ќе треба да одбере дали ќе остане во неа и ќе ја сподели својата вистина или не. Така и се случува, и тој бира да се отвори. Но тоа не влијае врз односот на другите кон него. Напротив, сега и тие покажуваат разбирање и голема благодарност за сето она што тој има сторено за нив. Петмина доаѓаат и на погребот и го носат неговиот мал ковчег до последното почивалиште. Истовремено, нивните ликови во играта го испраќаат од тој, замислен свет, во некој трет или четврт.
Илина, Букбокс