16 септември 1979, два наутро. Две семејства со вкупно 8 членови успеваат да избегаат од комунистичка Источна Германија со тоа што ја преминуваат границата во домашно направен балон на топол воздух. Целиот потфат трае скоро две години, вклучувајќи еден неуспешен обид, три различни балони и многу криење од разузнавачките служби, дури и од сопствените комшии.
Питер Стрелзик и Гинтер Вецел се главните, инаку реални ликови во германскиот филм „Балон“ кој ја раскажува оваа приказна. Тие биле колеги во локална фабрика за пластика, Петер како електричар, Гунтер како физички работник. Својата заедничка желба за бегство најпрвин сакале да ја остварат со тоа што ќе изградат хелихоптер, но набргу сфатиле дека не се во можност да изработат толку моќен мотор. Откако гледале некаков документарец за балони, и дошле до списание за меѓународен фестивал на балони во Албукерки, почнале да го истражуваат ова транспортно средство.
Во ситуација на постојан надзор, и со мали деца кои лесно можеле да пренесат што се случува дома, тие имале и голем проблем да најдат големи количества платно во Песнек, гратче со околу 20,000 жители. Освен тоа, по првиот неуспешен обид медиумите и полицијата веќе биле свесни дека некој шие платна за балони, па купувањето големи количества одеднаш можело да привлече внимание. Оттаму, тие ги купувале разните потребни материјали на смени, во што биле вклучени и нивните сопруги.
Филмот почнува без заобиколување и без многу контекст, со првиот обид, а потоа се концентрира на подготовките за вториот. Ова, фокусирањето само на акцискиот дел ја држи тензијата, но од друга страна прави целиот филм да изгледа повеќе како реално шоу во кое треба да се заврши некаков технички потфат, а не таков кој врз основа на историски релевантни податоци нè внесува во духот и маката на луѓето кои се нафаќаат на еден ваков исцрпувачки и крајно опасен потфат, ризикувајќи ги животите и на своите деца (најмалото има само 2 години). Атмосферата на времето повеќе е доловена со продукцискиот дизајн, кафените тонови карактеристични за сите филмови кои зборуваат за 1970-тите, модата и разните детали (пијалоци, храна) од тоа време.
Ова е второ филмување на приказната за „балонските бегалци“ - првата е „Ноќен премин“ од 1982 со Џон Харт и Бо Бриџис во продукција на Дизни. Режисерот на „Балон“, Мајкл Були Хербиг ги користел информациите од тајните досиеа и разговарал со семејствата, кои не биле баш среќни со американската верзија. Сепак, приказната за нивното бегство е само една од многуте на Германци од истокот кои се обидувале да ја преминат границата во мали гумени чамци, преку тунели или со пливање, при што голем број од нив го загубиле животот.
По обединувањето на двете Германии семејството на Петер (кој починал во 2017) се вратило во родното место, додека она на Гунтер останало во Баварија.
Илина, Букбокс