Букбокс гледаше

„Американска фабрика“ (2019)

Се разбира, бевме разочарани што некој-си-таму филм за фабрика за автомобилски стакла во Охајо, продуциран од некои-си-таму Обамовци, ни го зема заслужениот Оскар за документарец. Но кога лутината стивна, тој сепак требаше да се погледне, не за да се види дали е подобар од „Медена земја“, туку дали е воопшто добар.

Секоја споредба на „Американска фабрика“ со „Медена земја“, иако во случајов неизбежна, е некако нефер, не само поради навивачката страст кон вториот, туку и затоа што станува збор за различни производи, и во содржинска, и во естетска смисла. Филмот на Стивен Богнар и Џулија Рајхарт, сниман од 2015-2017 година, ги следи настаните по купувањето на некогашна фабрика на Џенерал моторс од страна на Фујао, кинеска компанија за автомобилски стакла. Стотици работници од Морејн, близу Дејтон, Охајо, отпрвин се пресреќни што по шест години пауза откако фабриката е затворена им се нуди можност за заработка (па макар и со пониски дневници), а самата држава Охајо во проектот учествува со 6 милиони долари на своите даночни обврзници.

Но има нешто злокобно дури и во тие почетни, еуфорични минути - музика како од хорор-трилер, чиишто незаокружени фрази остануваат да висат во воздухот, како најава на невреме. Проблемите почнуваат уште на отварањето на фабриката, будно следено не само од локалната заедница туку и од националните медиуми, кога демократскиот сенатор на Охајо во својот говор ги повикува работниците да формираат синдикат. „Претседателот Чао“, како што го нарекуваат сопственикот на фабриката, збеснува и наредува сите вакви иницијативи будно да се следат. За 1 милион долари најмува и консултантска фирма чија единствена цел е да врши пропаганда меѓу работниците за лошите страни од здружувањето (читај: да ги заплашува).

Паралелно со оваа приказна на капитализмот наспроти работниот народ, тече една друга, која ја дава вистинската човечка димензија на проблемот. Гледачот просто не знае со кого прво да сочувствува, дали со кинеските работници, кои со месеци (години?) се далеку од дома, и без никаков дополнителен надомест работат по дванаесет часа и во саботите само за да ја исполнат нормата. А таа, нормата, не е исполнета затоа што во споредба со нив „западњаците“ се и физички поспори („имаат дебели прсти“ забележува еден од кинеските шефови на самиот почеток на филмот), но и ненавикнати на работниот менталитет на Кинезот, кој барем формално не доведува ништо во прашање. И покрај тоа што некои од нив пред камерата признаваат дека им недостасуваат семејствата, тие инсистираат дека „работникот ги поставува шините за над нив да мине возот на прогресот“.

Има пар моменти во филмот кои брилијантно го илустрираат овој културолошки јаз.  Во еден од нив, група американски работници е однесена во Кина, за да го види процесот на производство таму. Додека кинескиот одбор за пречек е „стросан“ во истоветни костуми и бели кошули, Американциве се „распар“, при што еден од нив носи маица со ајкулата од Jaws. Кога им даваат заштитни елеци за влез во фабриката, од што се крупни едвај влегуваат во нив. Сосема се збунети кога гледаат како група работници се постројува на „разбројс“, точно како во војска, и низ ритуализирана низа прашања и одговори се мотивираат меѓу себе. Кулминација е фабричката прослава на кинеската Нова година, кога играорна група во традиционална облека пее нешто во стилот „Трудовиот процес е прекрасееен, сите ние сме деца на шофершајбнитееее“, по што следи групна венчавка на неколку фабрички парови. Ефектот на сето ова врз Американците, комбинирано со кинеските ракии, е необичен - еден од нив е буквално психолошки скршен, и со тешкотија наоѓајќи зборови за она што го чувствува целиот насолзен вели: „Ова патување ме просветли, дека ние луѓето сме едно“.

Назад во американската фабрика, кинеските работници пак добиваат етнолошко образование од специјално назначен сонародник на оваа тема, кој живеел дваесетина години во САД. „Сè додека не е илегално, тука можете да правите што сакате, да ја живеете својата слобода“, им вели тој на работниците. „Американците се многу директни, но и многу самобендисани, ги воспитуваат своите деца дека тие се центар на светот. Бидете стрпливи, па со време ќе сфатат дека ние сме подобри од нив.“

Ако не со мило, ваквата лекција американските работници ќе почнат да ја учат со сила. Со оглед на (за кинеските газди) ниската продуктивност, наскоро почнуваат отпуштања и задушување на каков и да е синдикален отпор. Кинеските работници добиваат уште една задача - да ги шпионираат своите американски колеги. Како поткпуп на оние кои се уште не се одлучни на која страна да се свртат, Кинезите им нудат по два долара (!) плус од час и, за најдобриот од нив, патување до Шангај, каде има хотел „со базен во облаците, на 50 спрат“. Камерата ги следи реакциите на американските работници, додека си ги стегаат вилиците, сепак среќни што се сè уште потребни - во кинеската фабрика голем дел од нивните работни места се веќе заменети од машини.

Со оглед на актуелните проблеми во американската политика, нејзината трговска војна со Кина и потезите на Трамп кои создаваат работни места внатре САД но токму такви кои се опишани во филмот, не е ни чудо што токму тој го доби Оскарот, а не филм за Сирија, Бразил или за Македонија. Сигурно помогнало и тоа што тој е продуциран од компанијата на Мишел и Барак Обама, „Хајер граунд продакшн“, а не одмогнало и тоа што дистрибутер е Нетфликс кој се скина од давање пари за да ги убеди 9,215 членови на Академијата да гласаат за неговите 24 номинации (види тука). Погледнато од карпата на која Атиџе лази за да стигне до кошницата диви пчели, од таа височина, некако е јасно дека „Медена земја“ и покрај сите пред-оскаровски признанија, сепак не би дотуркала до Оскар.

Но она што членовите на Академијата не го сфатија е следно - дека ако „Американска фабрика“ го опишува ПРОБЛЕМОТ, „Медена земја“ нуди РЕШЕНИЕ. Решение за борба против немилосрдниот капитализам, еколошко уништување, но и меѓучовечка солидарност и правичност. Не може ли „претседателот Чао“ да остави малку за себе, а малку за работниците? Во еден негов монолог, тој и самиот признава, дека не е сигурен дали со тоа што отворил толку многу фабрики повеќе успеал да направи за светот, или повеќе ги зафркнал работите. Во неговата пребогата куќа има базен, има некакви скапоцени вазни и негов портрет масло на платно во манирот на големите кинески водачи. Но зеленило и пчели не видовме. Всушност, низ целиот филм воопшто не видовме ни сонце. Во споредба со сите нив, на Атиџе и на авторите на „Медена земја“ им течат мед и млеко.

Илина, Букбокс

11 февруари 2020 - 10:43