Филип Глас: „Еднаш го возев Салвадор Дали во такси“

Има нов проект, а неговата музика може да се слушне и на необични места - од последната сезона на „Стрејнџер тингс“, до британското реално шоу „Лав ајленд“.

82-годишниот Американец се смета за еден од највлијателните композитори од крајот на 20 век. Има соработувано со куп музичари, a Боуви и Рејдиохед го имаат наведувано како своја главна инспирација.

Сега на Меѓународниот фестивал во Манчестер се случува неговата премиера на „Тао на Глас“, во соработка со режисерот Фелим МекДермот. Во претставата се користат марионети, огромни парчиња нотни записи и 10 нови композиции од Глас. Сето тоа помага да се раскаже приказната за тоа како ова дуо се обидело да направи шоу со Морис Сендак, авторот на „Таму каде живеат дивите нешта“, но за жал неговата смрт во 2012 ги прекинала нивните планови.

Во интервју за ББЦ, од кои пренесуваме делови, Глас зборува за сето ова, но и за времето кога заработувал возејќи такси и го сретнал Дали.

Еден од елементите на ова шоу е љубовта кон вашата музика на МекДермот. Тој вели дека во 1985 ве следел на улица но бил премногу срамежлив за да ве поздрави. Дали некогаш ова ви се случило вам?

О, да. Во моите рани денови како композитор преку ден работев други нешта како и повеќето луѓе. Еден период возев такси и во него влезе Салвадор Дали. Може да го замислите тоа? Со мустаќите, со сè. Умирав да му прозборам.

Но беше многу кратко возење. Го однесов од ресторан назад до неговиот хотел, само шест блокови. И си мислев, морам да кажам нешто. Но не можев да смислам што. Можеби и подобро, зошто ми беше страв дека ако кажам нешто, што и да е, тоа веројатно ќе беше многу глупо. На крај можам да кажам дека за малку промашив да се запознаам со него.

Интересно е кога вашата музика се појавува на веројатно неочекувани места. Во новата сезона на „Стрејнџер тингс“ на Нетфликс, делот „Соочување и спас“ од вашата опера Сатјаграха се користи за драматична кулминација на шестата епизода. Дали некој ви го кажал ова?

Не, се уште не сум чул за тоа. Но многу работи се случуваат. Не се обидувам да водам сметка за вакви нешта. Има употреби на мојата музика од втора и од трета рака. Некогаш, ако станува збор за танцова група или за филмска компанија ќе има исплати. Но често луѓето ја користат онака. И тоа е начинот на кој музиката кружи, нели?

Реално шоу во Британија под наслов „Лав ајленд“ ја искористи вашата музика минатата недела за да почне со неа една епизода. Тоа беше најневеројатното место за да се слушне Филип Глас; луѓе во бикини и боксерки кои се трудат да излезат на крај еден со друг.

Комерцијалните корисници се оние кои се највнимателни во однос на исплатата. Јас сум воодушевен кога мојата музика се појавува на неочекувани места.

Затоа што ја претставува на нова публика?

Да, но ме воведува и мене во сосема нов начин на користење на музиката, на кој не сум помислил.

Мислам дека никогаш не би помислиле на „Лав ајленд“.

Тешко дека би го гледал.

Ве исмеваат велејќи дека сте композитор на чии концерти луѓето заспиваат. Што мислите за ова?

Би сакал тоа да е точно. Но мислам дека има поголеми победници од мене на оваа тема. Што е со оние луѓе кои заспиваат слушајќи го „Прстенот“ на Вагнер? Мислам, стварно? Прво, ова дело е доволно долго за лесно да заспиеш. И тоа се случува постојано. Така што мислам дека во мојот случај претеруваат.

извор

16 јули 2019 - 08:10