Фамилекти: нашиот таен домашен сленг

Кога луѓето делат одреден простор, нивното колективно искуство може да резултира со посебен речник, па така микробранова да се вика „Чернобил“, а далечинско - „онаквото“.

Сите имаме изреки, прекари, зборови, чие вистинско значење не е разбирливо вон границите на домот. Тие произлегле од одреден контекст што дури и ние самите можеби го имаме заборавено, затоа што сме биле многу мали за да го запамтиме, или затоа што зборот е наследен но не и приказната за неговото потекло.

Ова се тн. „фамилекти“, измислени зборови, имиња на љубимци, интерни шеги. Во текот на пандемијата, со оглед на тоа што почнавме да поминуваме драматично повеќе време во затворено, комуницирајќи со блиските, бројот на ваквите зборови кои се дел од групен сленг е сигурно зголемен.

Синтија Гордон, професорка по лингвистика на Универзитетот Џорџтаун и авторка на „Создавање значења, креирање семејство“, го минала поголемиот дел од работниот век во чудната област на семејниот дискурс. „Секоја група луѓе, која има продолжен меѓусебен контакт во тек на подолго време и се смета за посебна во однос на останатите (дури и да не е поврзана роднински) има специјализирана употреба на јазик“.

Јасно е дека зборуваме различно во различни контексти, зависно од тоа со кого зборуваме и која ние целта. Во зависност од тоа дали станува збор за формална службена презентација, оговарање или љубовно гугање, нашиот јазик се менува како што се менуваат околностите и публиката.

Фамилектите се дел од интимниот регистар на јазикот, начинот на кој зборуваме „позади сцената“, со луѓето со кои сме најблиски. Тие се нашиот домашен сленг, без оглед колку ни е мал или голем домот и дали ги вклучува нашите родители, деца, сопрузи, или пријатели и цимери.

Што е инспирација за ваквиот креиран јазик? Генерално, доволно е времето поминато заедно и споделените искуства. Децата се често архитекти на нови зборови, особено додека учат да зборуваат, но нивните смешни изговори и зборови можат да бидат преземени од целото семејство (на пример дете кое како мало викало „шнудрла“ за „штрудла“ па сите почнале така да го викаат колачот).

Подкастот „Грама грл“ ги истражува овие зборови, а после повик слушателите да испраќаат свои фамилекти создадена е голема база на истите. Така, татко на слушателка ја нарекува микробрановата „Чернобил“, а пак друго семејство кое си го вика фикусот Норман, така почнало да ги нарекува сите растенија кои личат на фикус.

Секогаш кога луѓето користат фамилекти тие се потсетуваат на приказните, ритуалите и спомените кои ги спојуваат како група. На тој начин ја афирмираат припадноста кон неа, но и поттикнуваат поубава атмосфера на создавање зборови и спомени.

извор

14 мај 2021 - 14:10