Кога би требало да погодиме кој бил првиот именуван автор во историјата на книжевноста која илјадници години била пренесувана усно и создавана анонимно, тешко дека би кажале дека станува збор за некој од Месопотамија, а уште помалку дека е во прашање жена.
Кураторката на неодамна отворена изложба во библиотеката Морган во Њујорк, Сидни Бабкок, тврди дека со овој епитет може да се закити токму една месопотамска поетеса, принцеза и свештеничка. Нејзе ѝ е посветена поставка под наслов „Онаа која пишувала: Енедуана и жените од Месопотамија, 3400-2000 п.н.е.“.
Ако никогаш не сте слушнале за неа, не сте единствени. Енедуана била непозната до 1927, кога археологот сер Лоенарод Вули ископал предмети кои го носеле нејзиното име, кое на сумерски значи „рајски орнамент“. Како висока свештеничка таа компонирала 42 химни и три самостојни поеми кои, како и Епот за Гилгамеш (кој не му е припишан на конкретен автор), се сметаат за значаен дел од книжевното наследство на Месопотамија.
Освен што била свештеничка, Енедуана поседувала политичка моќ и како ќерка на Саргон Велики - фигура која историчарите ја сметаат за основач на првата светска империја. Особено била значајна нејзината улога во спојувањето на северниот регион Акад, каде Саргон првично дошол на власт, со подоцна освоените сумерски градови-држави на југот. Ова го сторила со спојување на верувањата и обредите поврзани со сумерската божица Инана со оние посветени на акадската божица Иштар, и со нагласување на овие врски во нејзините книжевни и верски химни и песни. Со тоа се промовирал заеднички систем на верувања низ целата империја. Секоја од химните кои таа ги напишала за 42 храма во јужниот дел од Месопотамија го нагласувала уникатниот карактер на заштитничката-божица на верниците во тие градови - химните биле препишувани од страна на писари во храмовите и стотици години по нејзината смрт.
Во поетска смисла ова се дела на талентиран поет, но освен поради книжевната вредност тие се скапоцени документи и за секојдневниот живот на тоа време и таа култура, за тоа како се сфаќала природата на божествата и улогата на религијата.
Изложбата вклучува 90 предмети од таблети со клинесто писмо, кои не само што ја осветлуваат улогата на самата Енедуана, туку и на другите жени кои учествувале во различни аспекти на месопотамското општество. Тоа било помалку патријархално отколку општествата во Европа во истиот период, жените можеле да поседуваат имот и тој можел да се наследува по женска линија. Ова е и време на забрзан раст на урбаните центри и експанзија на производството и трговијата на добра низ земјата и во регионот. Тоа подразбирало и зголемена потреба од работници од кои голем број биле жени. Напуштајќи ги традиционалните домашни улоги и преземајќи и верски обврски, тие учествувале во занаетчиството (керамика, ткаење, производство на алкохол и др.) и во одгледувањето стока. На одредени артефакти се гледа и како тие свират на музички инструменти, соло или во група, со убаво украсени облеки и фризури.