Еид Мар: монетата што го слави убиството на Цезар

Една од најзначајните златни парички од древниот свет ќе биде ставена на аукција во мај оваа година, од водечката фирма за продажба на вакви монети, Нумизматика Арс Класика. Тоа е наводно истата искована од предавникот на Цезар, Маркус Јуниус Брутус, во спомен на атентатот којшто самиот го извршил на денешен ден, 15 март.

„Еид Мар“ е ретка комеморативна монета, која одбележува убиство - атентатот врз Цезар, извршен на 15 март 44-та година пред нашата ера. Настанот се смета за еден од најзначајните во западноевропската историја, а значајна е и симболиката на денот, кога му се принесувале жртви (овци) на врховниот бог, Јупитер, но истовремено се славела и божицата на годината, Ана Перена, со обреди слични на нашите василичарски, за изгонување на старата и пречек на новата година. Во склоп на ова било и традиционалното подмирување на годишните долгови помеѓу должниците. Слично како што 60-те конспиратори одлучиле да се „раздолжат“ со Цезар, од чијашто растечка моќ стравувале. 

 

По успешниот атентат, Брут избегал во Грција, а во знак на прослава на ослободувањето на Рим од тиранинот наредил да се изготви комеморативна монета. Главата на паричката покажува портрет на Брут со натпис BRVT IMP, означувајќи го како воен победник. Опачината го слави убиството: двата меча ги означуваат Брут и Касиј, додека ослободувањето на Рим е илустрирано со „капа на слободата“, фригиска покривка за глава која традиционално им се давала на еманципираните робови. 

Вакви сребрени парички биле изработени во поголем број, но златните биле исклучително ретки, и речиси сигурно им биле давани како подароци на повисоките воени старешини. Сега една од нив ќе се најде на аукција организирана од водечка нумизматичка куќа, која ќе се одржи во хотелот Бор о Лак во Цирих на 30 мај 2022. Истата цела деценија била изложена во Британскиот музеј.

Ковањето на паричката исто така содржела момент на бунт, бидејќи три месеци пред атентатот врз него Цезар си го ставил сопствениот портрет на римска пара, нешто што до тогаш било нечуено, бидејќи на парите имало само моќни богови и божици. Ова за опозицијата била капка што ја прелеала чашата. Две години по смртта на Цезар, Брут го ставил сопствениот лик на монета, со императорска ознака, со што (иронично) само ја продолжил традицијата. 

15 март 2022 - 10:21