Изложбата, која ќе се отвори во април 2016, ќе биде сместена во Галеријата Сачи во Лондон, во девет големи простории на два ката. Мик изјавил дека долго - речиси три години - разгледувале различни предлози околу структурата на изложбата и начинот на којшто ќе бидат претставени предметите, и учествувале со свои предлози. Конечната верзија ќе содржи оригинални нацрти за сцените на којшто настапувале, симулација на гардероба, ретки гитари и други инструменти, костими, досега невидени видео клипови, како и дела произлезени од нивните креативни соработки со Енди Ворхол, Александар МекКвин, Том Стопард и Мартин Скорсезе.
Иако поставката пред сè се однесува на бендот, таа според Кит Ричардс зборува и за технолошката еволуција на музиката - а Стоунси постојат толку долго што таа може да се следи како онаа од пронаоѓањето на оганот до ајфонот. Слична изложба, но посветена на Боуви, имаше во 2013 во музејот на Алберт и Викторија во Лондон, која привлече 311,000 посетители и сруши рекорди во музејско продавање билети во Британија (потоа гостуваше и во Чикаго, Париз и Сао Паоло).
Иако сите членови придонеле со различни предмети од нивните сопствени збирки, единствено тапанарот Чарли Вотс изјавил дека немал што многу да даде, затоа што „имал повеќе предмети од Луј Армстронг отколку од Стоунси". Во видеово тој ја најавува изложбата можеби прв пат во животот застанат пред сите останати членови на бендот, со зборовите „таа има врска само со мене, барем еднаш јас да сум цар". А не дека не е.