„Глупав“ или еден од најславните коњи во историјата

Како што Букефал е нераскинливо поврзан со Александар Македонски, така Бабиека е подеднакво важен историски лик за Шпанците колку и нивниот национален херој, Ел Сид. Потеклото на неговото име има врска со една легенда.

Родриго Диаз де Вивар бил благородник од Кастиља, воин кој се борел и во редовите на христијанските, и на муслиманските армии. Оттаму и неговиот прекар „ал-сид“ кој еволуирал во Ел Сид или „господарот“. Раководејќи со своите лојални витези, тој доминирал со истокот на Пиринејскиот полуостров на крајот на 11 век. Како наш Крале Марко, бил честа тема на шпанските епски песни, кои го претставувале како совршен маж: силен, храбар, лојален, строг ама правичен.

Младиот Родриго имал вујко, картезијански монах, по име Педро Ел Гранде (Петар Велики), наречен така поради корпулентната фигура. Oвој монашки ред бил познат по одгледувањето благородни пиринејски раси коњи, кои денес се нарекуваат Андалузиски. Кога внукот станал полнолетен, вујкото сакал да му подари убав коњ. Го повел со себе во шталите и му понудил да бира. Од сите тие прекрасни примероци, Родриго го одбрал коњот за кој монасите сметале дека нема долго да живее, слабичко и неспретно суштество кое на прв поглед му прираснало за срце. „Бабиека!“ - му викнал вујкото, нарекувајќи го својот внук глупав. Токму тоа станало име на сивото ждребе кое пораснало во прекрасен бел воен коњ, познат по својата послушност, лојалност, впечатлива појава и лесни нозе. 

Легендата е многу слична со онаа која ја опишува првата средба на Александар Македонски и Букефал - веројатно едната ја инспирирала другата. Обата коња, едниот моќен и црн, другиот жесток и бел, станале големи воени коњи.

Ел Сид носел и легендарен меч, речиси исто толк славен колку и неговиот коњ. Се велело дека е направен од челик од Дамаск, а бил наречен „Тициона“. Во текот на опсадата на Валенсија, Ел Сид паднал мртов среде битка. Maварските освојувачи, кога слушнале за неговата смрт, ги собрале војниците и почнале да планираат заземање на градот. Без својот водач, луѓето на Ел Сид се плашеле од пораз, па го заврзале неговиот труп за седлото на Бабиека, му го фиксирале Тициона во раката и ја кренале така да покажува кон небесата. Со господарот на грб Бабиека ги предводел војниците, кои во јуриш со водачот „кренат од мртвите“ ги преплашиле непријателите, па Маврите се повлекле. 

Денес гробот на Ел Сид е во катедралата во Бургос, а гробот на Бабиека во манастирот Сан Педро де Кардења. Коњот го надживеал господарот за две години, а по смртта на Ел Сид никогаш не бил повторно оседлан. 
 

5 мај 2022 - 20:05