Демиен Хрст во 2020 беше најбогатиот британски уметник, со нето вредност од 315 милиони фунти. Тој следниот месец во својата галерија во Лондон ќе изгори илјадници свои слики, чин кој сепак нема да му го намали домашниот буџет.
Станува збор за 10.000 уникатни „точкести“ дела, изработени во 2016, секоја со свој наслов. Тие подоцна беа поврзани со соодветни НФТ (дигитални дела истоветни на нив) и продавани секоја за 2000 долари. На купувачите им беше дадена опција да ги задржат дигиталните или да ги заменат со физичките. Тие не можеа да ги задржат обете, и беа советувани добро да размислат пред донесување на одлуката.
Дваесет и четири часа пред крајниот рок (денес, среда, во 15 часот по британско време), 4180 луѓе одлучиле да го заменат дигиталното со физичко дело, а 5820 да си ги задржат дигиталните. Алтернативните верзии треба да бидат уништени, со тоа што физичките дела - масло на хартија - ќе бидат уништувани на дневно ниво од 9 септември. Сето ова е продолжување на проектот под наслов „Валута“ кој се фокусира на уметноста како на средство за трговија и размена, кој на овој начин ќе биде завршен.
Хрст е еден од групата Млади британски уметници кои доминираа со британскиот ументички свет во 1990-тите, поддржан од маркетинг могулот Чарлс Сачи. Тој е најпознат по серијата уметнички дела во кои мртви животни, некои од нив дисецирани, како ајкула, овца и крава, беа изложувани во формалдехид. Хрст од сето ова добро заработи, и денес неговиот имот вклучува збирка од 2000 уметнички дела, меѓу кои и такви на Пикасо и Франсис Бејкон.