Ѓаково во Хрватска ни е познато по тоа што бил дом на бискупот Јосип Јурај Штросмаер, оној кој им помогнал на нашите браќа Миладиновци да го отпечатат нивниот Зборник. Токму тука, денес, 14.9 ќе се отвори изложба на интересна, и ретко обработувана тема во етнологијата - долната облека и хигиената. Организатори се Музејот на Мославина од Кутина и Музејот на Ѓаковштината од Ѓаково, а авторка на изложбата а Славица Мославац.
Изложбата вклучува оригинални предмети од минатото кои служеле за покривање на интимните делови од телото, направени од различни материјали: плиш, памук, лен, тантела, маркизет, свила, сатен. Освен нив има и современа облека во вид на потсукњи, комбинизони, градници, корсети, гаќи, чорапи и халтери. Ангажирани се и уметници кои изработиле дела на тема долна облека во различни сликарски техники.
До првата половина на 20 век хигиенските прилики во овој регион биле главно лоши, иако постоеле индивидуални разлики во навиките од семејство до семејство. Додуша, на оваа тема луѓето од разбирливи причини не сакале многу да зборуваат, па затоа во постарата литература нема проверени и точни податоци. Она што е јасно е дека долната облека, како и сè останато во раслоеното општество, било привилегија на оние побогатите, кои можеле да си дозволат заштита на интимните делови од нивните тела, за тие да не доаѓаат во контакт со секојдневната облека.
Во денешна смисла навиката да се носи долна облека е европско влијание, и до крајот на 19 век таа не била дел од народната носија. И формата е преземена од Чешка, Словачка илиУнгарија, на пример на шиените платнени градници, свилените и платнените комбинизони и зимските гаќи „пумпарици“, кои влегуваат во мода дури во втората половина на 20 век.
Хрватките, а токму за женската долна облека има повеќе артефакти и податоци, тогаш почнале да носат повеќе видови подсукњи, за нешто да не им „ѕирка“, со оглед на тоа што при земјоделската и друга работа горните делови се кревале, за да не се извалкаат. До тогаш жената ги заштитувала интимните делови само за време на менструација, и исто како и кај нас, правела лента од ленени крпи и ја врзувала за појасот. Машките изгледа повеќе се секирале за студот отколку за хигиената, па зиме под пантоланите направени од волна, лен или плиш носеле и по неколку долни гаќи.
Благодариме на проф. Мославац за испратените материјали, и се надеваме дека изложбата ќе гостува и во Македонија.
Фото горе: хумористичен цртеж од споменар