За не-музичари и оние кои никогаш не се занимавале со теорија на музика, сите тие техникалии околу скали, прогресија на акорди, тоники и доминанти делуваaт како непотребно комплицирање на нешто што го пушташ на слушалки и прави да ти биде убаво.
Ама.
Како ќе знаеш зошто помеѓу музичкиот „еснаф“ нешто се смета за значајно, дури и револуционерно дело, на кое изведувачите истовремено му се восхитуваат, но и се плашат да го изведуваат?
Станува збор за „Џиновски чекори“, албумот на еден од славните саксофонисти во историјата на џезот, Џон Колтрејн, и истоимената композиција содржана на него. Позната е како една од најтешките и за изведба и за импровизирање. А има и зошто.
Во прекрасното видео подолу целата работа е објаснета на наједноставниот можен начин (кој сепак не е толку едноставен). Причината зошто оваа композиција е антологиска станува јасна уште во првите десетина секунди - преминот од една скала во друга се случува толку брзо, што за ваквата прогресија е смислено посебно име: промени на Колтрејн, или Coltrane changes. Импровизациите базирани на овие акорди се сметаат за „иницијација“ на џез музичарите, кои ако стигнале до ова ниво на вештина значи дека изеле фурни музички леб.
Што е тука толку тешко? За да се разбере ова треба да се знае еден концепт од музичката теорија наречен „квинтен“ или петтински круг - начин на подредување на сите 12 ноти од западната музичка скала, но не по ред (на пример до-ре-ми во Ц-дур), туку преку пет ноти (до-сол, сол-ре, ре-ла итн.).
Зошто баш на пет, а не на пример на три? Една од причините е тоа што нашите уши едноставно „го сакаат“ петиот интервал. Кога слушаме каква и да е музика, па дури и говор, освен доминантниот тон слушаме и други „надтонови“, кои се некои вид сублиминални (потсвесни) звучни пораки. Така, кога се свири „до“ до нашите уши стигнува едно (основното) до, па едно до за октава повисоко, но третиот „овертон“ е - сол, или за пет чекори повисоко од до.
Цела западна музика (па дури и нејзините деконструкции и експерименти) се базира на оваа моќ на „петката“, особено на начинот на која таа е поврзана со основната нота. Ако нешто заврши на „сол“ како да е недоречено, како да виси во воздухот и си бара разрешница, враќање „дома“ кон „до“.
Но патот до „дома“ може да води по главни улици, а може и по чудни маала и темни сокаци. Токму ваквиот начин го бира Колтрејн во спомнатата „Џиновски чекори“, која не залудно го носи ова име. Тој нè шета низ „квинтниот круг“ како по оние магични скали во сликите на Ешер, при што не оди „по ред“, преминувајќи од една скала на следната, сродна по ноти, туку поврзува навидум тотално несродни скали.
Во видеото аналогијата е со јазици - наместо да минува од, да речеме, македонски на српски, Колтрејн од такт во такт преминува од македонски на јапонски! Па на шпански, па на арапски, па на естонски, па на јазик на некое абориџинско племе....до моментот кога нè враќа назад, дома.
Ваквите промени не само што не се карактеристични туку се комплетен исклучок. Во поп музиката, на пример, песните се главно во еден тоналитет, ретко два. А за да скокаш во многу брзо темпо од еден „јазик“ на друг треба стварно да си махер. Токму како Колтрејн.
Видеото (11 минути):
Или/и само музиката, која после првото се слуша со малку поинакви уши