Џејмс Џојс е на Зум: Блумсдеј оваа година се одбележува онлајн

Фановите на „Улис“ од Бразил до Канада и Ирска наоѓаат начини да продолжат со годишното чествување на романот, чие дејство се одвива на денешен ден, 16 јуни.

За да се придружите на годишната прослава на „Улис“, издадена во 1922, чие дејство на 800 и кусур страници се одвива во еден единствен ден, 16 јуни 1904, не мора да ја имате прочитано. Доволно е да сте свесни за значењето на ова дело во историјата на книжевноста, кое го нарекуваат најголемото наследство на модернизмот, напишана со лингвистичка и стилистичка виртуозност без преседан.

Улис, или Одисеј, во случајов е Леополд Блум, а неговите далечни патувања се прошетки и средби со пријателите низ Даблин. Точно она што го прават и оние кои го слават Блумсдеј од 1924 наваму. Но со оглед на тоа што оваа година услови за прослава во живо нема, тие ќе се соберат онлајн. Закажани се театарски настани во Бразил и Франција, собир во Атина, како и виртуелни читања во Торонто. Стивен Колберт отвори виртуелен Блумсдеј на Бродвеј, а учесници ќе бидат Брајан Кокс, Фиона Шо и Клер Дејнс.

Центарот Џејмс Џојс од Даблин излезе и со предлози како да се одбележи денот „аналогно“, по дома - со правење на познатиот појадок на Блум (ако ви се појадува џигер во презла), или со останување дома како жената на Блум, Моли која го минува целиот ден во кревет во спавачица (долга до земја, со исто така долги ракави, бела или во пастелни бои). Ова второво звучи попривлечно, кога би имале таква спавачица по дома.

16 јуни 2020 - 10:06