Докторот што пренесе 250 психијатриски пациенти со воз од Белград до Загреб за да им обезбеди пристоен дом

„Ако тука можеле да живеат грофови, зошто не и душевно болни?“ - рекол доктор Иван Барбот, невропсихијатар и управник на Душевната болница во Белград по силната борба со администрацијата и голем број неуспешни обиди да го реши сместувањето на своите пациенти. Објектот што го имал предвид бил на 40 километри од Загреб, а во него претходно навистина живеел аристократ. 

Април 1934. Чудна поворка се движи низ Белград - 250 луѓе во зелени и сиви одела, во колони по четворица, на чело со накитен бајрак со црвен крст на него. Околу нив лекари во бели мантили, заедно марширајќи кон Железничката станица и пеејќи: „Маршира, маршира гардата на Барбот, чекор по чекор, лудак по лудак“.

Спомнатиот човек е доктор Иван Барбот (1882-1971), невропсихијатар и управник на Психијатриската бонлица во Белград, кој мака мачел со сместувањето на своите пациенти. Поради немање адекватен простор тие спиеле по ходниците, набиени како сардини - болницата тогаш имала 304 кревети, а на лечење биле примени 683 болни. По куп неуспешни иницијативи, тој се појавил пред тогашниот државен врв и со мапа пред себе покажал на една точка, на 40 километри од Загреб, на напуштен имот на грофот Ердодји во Поповача. Локацијата била идеална за системот што сакал да го воведе Барбот, според кој лечењето се засновало на концепт на активно вклучување на пациентите во системот на стопанисување во самата болница (работа во градина, овоштарство, занаети). 

Државата го прифаќа предлогот, па сите кои биле способни самостојно да се движат на спомнатиот ден се пакуваат и се качуваат на специјален воз со пет вагони без кондуктер, со 17 надлежни доктори и технички лица.

„Драги браќа, драги лудаци“ - почнува говорот на еден од нив, а другарите го креваат во вис. „Ние лудаците секогаш сме патувале во вагони за стока, а денес патуваме како господа. За тоа мораме да му заблагодариме на нашиот управник Барбот!“. 

Следниот ден, додека пациентите го истражувале прекрасниот дворец преполн со нови кревети, мебел и медицинска опрема, а воедно опкружен со нестварна природа, доктор Барбот на влезот заковал табла со натпис: „Одделение на Белградската државна болница за душевни болести - Поповача“. 

Наскоро избувнува Втората светска војна и одделот во Поповача прераснува самиот во „Болница за умоболни“. Таа илегално ги помагала партизаните, но ги згрижувала и прогонетите доктори-Евреи. За сето ова време главен лекар е Барбот. Од 1974 службеното име на оваа институција е „Невропсихијатриска болница д-р Иван Барбот во Поповача“, во чест на човекот што се залагал за хуман третман на своите пациенти.

извор
@ZivojinZikaPetrovic

21 октомври 2024 - 18:57